Агенцијата за просторно планирање, како што нагласи, има централна улога во обликување на идниот развој на државата.
„Би сакал да ја потенцирам важноста на новиот просторен план од следните причини: Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односноа Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзанот и друго“, истакна Николоски
Тој смета дека поради тоа неопходна е добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата.
Николоски го потенцира институционалното партнерство со Министерството за транспорт во спроведување на стратешките политики на Владата, а најави дека министерството работи на изработка на софтвер за развој и управување со геопросторни податоци.
Директорот на Агенцијата за планирање на просторот Александар Гелевски вели дека имаат изготвено методологија за постапката и процедурата како ќе се носи.
„Во моментов, Агенцијата ги има предадено Нацрт-просторниот план. Се очекува планскиот период да биде до 2040 година. Во наредната година планираме да биде донесен Предлог-планот. Тој треба да помине во собраниска процедура и да се донесе. Просторен план се носи неколку години. Имаме изготвено методологија, за постапката и процедурата тоа како се носи. Во оваа фаза изготвена е само Нацрт-верзијата и таа е предадена на разработка во Министерството за животна средина и просторно планирање“, изјави Гелевски.
Важноста на постоечкиот план за просторно планирање е помината, но директорот на Агенцијата за планирање на просторот појаснува дека додека не се донесе новиот план, во важност е сѐ уште стариот.
„Иако истекол планскиот период, тоа не значи дека планскиот документ не важи. Во моментот сè уште важи претходниот просторен план и тој ќе се применува сè донесувањето на новиот просторен план“, вели Гелевски.






