„Буџетот е во одлична кондиција и доколку се соочиме со ситуација на продолжена воена криза, со добро планирање ќе дадеме сериозни одговори. Има сет мерки што ги чуваме како резерва доколку ова ескалира. Јас се надевам дека ќе заврши, дека ќе можеме да се вратиме во нормала“, рече Николоски во гостувањето на „Топ тема“ на ТВ Телма.
Вицепремиерот истакна дека е горд на реализацијата на капиталните расходи на неговиот ресор, чиј процент само после првиот квартал годинава изнесува над 65 отсто.
„Во однос на капитални расходи, многу сум горд на тоа што Министерството за транспорт е апсолутен рекордер во работење, заклучно со 31. март, односно во првиот квартал оваа година, реализацијата на капитални расходи е 65 проценти, а на ниво на Влада е 32 отсто. Не можете да најдете ниту една година откако државата е самостојна со вакви бројки, што значи дека сериозно сме посветени на капиталните расходи и инвестиции“, потенцираше заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
Во гостувањето беше потенцирано дека паралелно се работи на сите автопатски делници низ државата, со посебен фокус на проектите што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, дека интензивно напредуваат и железничките проекти со сериозни подготовки за изградба на брзата пруга, додека автопатот Охрид–Кичево конечно се очекува да ја добие својата завршница до крајот на годината.






