Зборувајќи за кризата на Блискиот Исток и ефектите врз економијата, Николоски посочи дека Владата презеде мерки уште во првиот бран кога се виде дека ќе има криза, но и дека се гледаат одредени шпекулативни однесувања, каде цените наеднаш растат од ден за ден, посочувајќи го битуменот, кој, како што рече, порасна за 100 проценти само за еден месец, а сите сме свесни дека залихи се чуваат најмалку за три месеци.
„Слично беше и кај прехранбените производи и јајцата и затоа го задолживме Министерството за економија и труд заедно со државниот трудов и пазарен инспекторат да направат споредба на цени, квантитативно, затоа што ова нема да заврши со Велигден и во вторник на редовната владина седница ќе го гледаме овој извештај и врз основа на тоа ќе преземеме мерки“, изјави Николоски.
Мерките, според него, покрај оние за олеснување, можеби че има и со рестриктивна политика, односно оние што ја злоупотребуваат ситуацијата да бидат казнети.
„Тоа е вториот дел, ако продолжи кризата. Но, работите се менуваат. Доколку продолжи кризата секако ќе интервенираме и тука“, изјави Николоски, посочувајќи дека „по примирјето ситуацијата оди во една добра состојба и да се надеваме дека нема да се повтори овој конфликт на Блискиот Исток“.
Во однос на минатогодишната ситуација и „картелското здружување“ на повеќе маркети во државата, Николоски потсети дека тоа на крајот го потврдила и Комисијата за заштита од конкуренцијата, нагласувајќи дека „лани јасно беше дека се работи за шпекулативно однесување“.
„Оваа година кризата е дојдена од надвор, но повторно има шпекулативно однесување. Повторувам, конфликтот таму траеше нецели четири недели, а од ден за ден дека толку можат да се менуваат цените и дека никој нема залиха во магацините и дека од ден за ден ја купуваат робата и ја продаваат на граѓаните… е малку веројатно. Тоа е надвор од каква било економска логика и јасно е дека имаше шпекулативно однесување“, изјави Николоски.
Тој потсети дека мерките беа преземени во делот на цените кои се поврзани со берзата – бензинот и нафатата и дека имаме најевтини цени на бензините и дизел горивото во целиот регион.






