За него нефукнционалноста на судството е најголем проблем во земјата, а Владата не може да нема слух за истото. Според Николоски, законите се добри и нема проблем во законите. „Мали им се сега плативе. Повисоки плати имаат и од министри, и од премиер, и од претседател на држава“, нагласи Николоски.
Како што вели тој, Владата донела принципиелен став и ги намалила коефициентите за платите на функционерите, а она кое што судиите и обвинителите моментално го бараат се четири просечни плати.
„Уставниот суд ја укина одлуката за замрзнување на платите, кога наеднаш скокнаа платите за 78%. Ние имаме принципиелен став, дека од ова ниво нагоре платите нема да растат и ги намаливме коефициентите. Ако порано министер бил 3,5%, 3 и пол просечни плати, ако бил пратеник 3 и пол просечни плати, ако бил потпретседател на влада 3,7 просечни плати, премиер 4, претседателот 4,5, сега ги намаливме сега е 2,83. За судиите и за обвинителите да не важело. Па помножете 4 просечни плати во моментов ќе видите колку пари доаѓаат, ќе видите колку е тоа што го бараат судиите“, рече Николоски.
Тој посочи дека правосудниот систем е проблем број 1 во земјата и за истото не може Владата да нема слух.
„Ние сме најмногу да бидат независни. Нека испорачуваат резултати, нека си работат и ние да немаме дебата, ама ова е проблем број 1. Поразговарајте со кој било граѓанин, ова ви го отвора како проблем број 1. Ние не можеме неми да бидеме. Да велиме само затоа што ние немаме надлежност таму, ние ќе молчиме“, истакна Николоски.
Тој укажа дека само тој додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција отворил многу корупциски случаи, но никако да се види каков било резултат од правосудството.
„Не може сите случаи да се утнати, од толку корупциски случаи нешто да беше почнато, ако мислат дека не треба нека кажат“, посочи Николоски.
Тој истакна дека партијата останува на ставот дека нема да прифати уставни измени под бугарски диктат, потенцирајќи дека Бугарија не ги применува пресудите од Стразбур и дека Македонија очекува нивна имплементација и признавање на македонско малцинство.
„Ние сме кажале, а тоа е дека не прифаќаме уставни измени под бугарски диктат и јасно сме кажале кои се нашите очекувања, дали се тие поврзани со историскиот и политички континуитет на македонскиот народ, дали се поврзани со засебноста на македонскиот јазик, многу јасно сме ги кажале работите дека Бугарија не ги применува пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, дека бараме да ги примени, јасно сме кажале дека бараме да признае македонско малцинство кое што би бил дел од Советот на национални малцинства којшто го има Бугарија, јасни се нашите позиции“, вели Николоски.
Според него во ЕУ постои нов бран на оптимизам за проширување, а неколку поголеми земји-членки се подготвени да го поддржат процесот.
„Се надевам дека нели сега има нов бран на оптимизам којшто се шири во однос на проширувањето дека неколку поголеми и помоќни земји на ЕУ, ќе се согласат на проширување, и ако се согласат на проширување ќе извршат притисок врз Бугарија да не не блокира“, рече Николоски.
Јас сум единствениот министер од оваа Влада кој што потпишал меѓудржавен договор со Бугарија, договорот за изградба на заеднички тунел, рече вицепремиерот потенцирајќи дека се очекува со почетокот на градежната сезона тој да биде воведен во работа.






