Деталите за тоа на кои конретно проекти ќе се трошат парите, ќе се знаат, рече Николоски во гостување на Сител, за месец – два. Дискусиите се уште се во тек и се во многу напредна фаза.
Според министерот, амбиција број еден на Владата е да изгради брза пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, од Табановце до Гевгелија. Пругата ќе има две линии, една карго која ќе оди со брзина од 120 километри на час и една патничка со брзина од 160 – 200 километри на час. Карго пругата ќе биде со должина на возови до 750 метри што е максимум секаде во светот и ќе ја направи Македонија многу конкурентна, додека патничката ќе овозможи од Скопје до Солун да се патува за час и половина до час и 40 минути. Кога Србите ќе го завршат својот дел, од Скопје до Белград ќе се патува за 2,5 часа, а од Скопје до Будимпешта за 4,5 часа и од Скопје до Виена за шест часа.
„Не знам на кој начин е пласирана информацијата во јавноста, но делот дека толку ќе се задолжи државата е погрешно пренесен. Треба појасно да ги прикажеме работите. Работиме на голем инвестициски циклус што треба да опфаќа повеќе сектори, автопатишта, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, болници, образование,… Се работи за тековни и нови проекти, како и за проекти кои треба да ја променат сликата на Македонија. Но, тоа не значи дека од едно место ќе се позајми определена сума пари, туку дека дел од средствата се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени како што секоја нормална високо развиена западна држава прави кога инвестира во вакви проекти“, истакна Николоски.
Тој очекува патничката пруга да биде готова за неполни пет години и од 2031 година да биде во функција.
Николоски потсети дека моментно се градат четири автопати, а амбицијата е да се отвори уште еден.
„Во моментов градиме паралелно четири автопати со амбиција да отвориме и петти. Го градиме Тетово – Гостивар, го градиме Гостивар – Букојчани, го градиме Гостивар – Кичево, Кичево – Охрид кој е во многу напредна фаза, го градиме Прилеп – Битола и дополнително на ова имаме активен тендер за Кичево – Букојчани. Се градат експресни патишта, втората фаза од експресниот пат Прилеп – Градско, делницата од Дреново до Фариш е пред завршување ќе ја пуштиме за сообраќај. Тука е делницата од Богданци до Гевгелија, имаме и други регионални патишта“, истакна вицепремиерот Николоски.
На прашањето за ставот на бугарскиот министер кој вели дека се чека Македонија да одлучи за пругата, Николоски е дециден дека јавноста е уморна од изговори од „другата страна“.
„Во оваа работа има зборови и дела. Во моментов зборови за коридрот 8 има многу, но дела има само во Македонија. За жал, другите две држави не работат ништо во делот на железничката инфраструктура. Во овој момент единствено Македонија гради железница на Коридорот 8“, подвлече Николоски.