Николоски смета дека гласот за помала политичка партија е исто како да е глас за СДС и ДУИ.
„Граѓаните треба да одлучат дали ја поддржуваат оваа влада на СДС и ДУИ или не ја поддржуваат. Ако ја поддржуваат тогаш нека си гласаат директно за нив. Но, доколку не ја поддржуваат, тогаш треба да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Глас на средина не постои. Затоа што тоа се фрлени во вода гласови со овој изборен модел што го имаме, пропорционален со шест изборни единици, а тоа е тоа што го посакуваат СДС и ДУИ“, рече Николоски.
На прашањето што се очекува од Џафери кој изјави дека ќе владее исто како до сега, Николоски рече:
„Очекувам да ги гази институциите како што тоа почна да го прави од првиот ден. Очекувам да ги злоупотребува институциите од службени возила, па сè до најголемите буџетски средства. Очекувам да ги понижува Македонците и очекувам Македонија да ја прави не двонационална држава, туку еднонационална држава, држава на албанскиот народ“, рече Николоски.
Тој потенцираше дека ДУИ има технички премиер и покрај тоа што има само 10 проценти од пратениците во Собранието, укажувајќи дека за ова е виновна СДС која прифатила ваков договор.
„Во однос на бројките, политичка партија која има само 10 проценти од пратениците во Собранието, е политичката партија која има премиер, што е газење на целокупната изборната волја. На избори луѓето излегуваат со цел да изберат свои претставници кои потоа ќе се пресликаат во владата, за да ја реализираат нивната волја. Но, за сето ова е виновно СДС, бидејќи СДС прифати ваков договор и тоа го реализира“, рече Николоски.
Изборот на Џафери е со намера да се понижува македонскиот народ, рече Николоски и додаде дека кампањата на ДУИ е дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК.
„Кого предложија за премиер и кој е изборот е со намера, со цел да се понижува македонскиот народ. Ако ја видите нивната кампања, таа е основана на тоа дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК. Значи тие директно одат во легитимирање на терористичка организација, се со цел да ја прикажат таа терористичка организација како ослободителна војска“, истакна Николоски.






