петок, 9 јануари 2026

Николоски: Јакупоски и Маврово Ростуше ќе бидат дел од историската победа на ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска на средба со граѓани во општина Маврово Ростуше ги повикал на масовна излезност и поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски на претстојните локални избори закажани за 11 јануари. Тој, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, се осврнал и на инфраструктурните проекти, како и на економскиот развој и поддршката на Владата за отворање нови директни авиолинии, вклучително и кон Италија, како и на личната и институционална поддршка за завршување на сите инфраструктурни проекти.

Објавено на

часот

Сподели

„Долго е во партијата и бил заедно со сите вас, со сите нас и во најтешките моменти на партијата, и сега кога би рекол се најсветлите моменти на партијата, и кога партијата ги доживува најголемите успеси, и затоа мислам дека вашата општина, Маврово Ростуше, треба да е дел од овој победнички тим којшто го има ВМРО-ДПМНЕ“, истакнал Николоски.

Тој ја нагласил историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, која што ќе значи и силен инвестициски циклус, а приклучокот којшто се гради ќе го поврзе регионот со автопатот на коридор 8, овозможувајќи директен излез до Охрид-Кичево за 20-тина минути, додека пак, како што вели Николоски, делот кон аеродромот ќе биде отворен помеѓу 2-ри август и 8-ми септември, што значи дека ќе може да се користи веќе следното лето.

„Очекувам автопатот Охрид-Кичево, согласно најавите, да биде завршен до крајот на оваа година, или првата половина на следната година. Но, делот којшто вас најмногу ви значи, а тоа е отворањето од Извор кон Аеродромот, затоа што голем дел го користат аеродромот и кога доаѓаат од дијаспора, ќе биде отворен помеѓу 2 август и 8 септември, што значи веќе следно лето ќе може да се користи“, истакнал Николоски.

Тој посочил дека  Владата активно работи на отворање нови директни авиолинии, вклучително поврзаност со Италија.

„Ова е еден голем сериозен инфраструктурен проект, којшто го работиме, и се надевам дека заедно со градоначалникот, заедно со посветеноста на ЈПДП, за многу брзо време целиот овој крај ќе биде поврзан на коридорот 8 и на автопатот којшто оди од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид и до Струга. Тоа е едната голема работа која што сакам да ја кажам“, нагласил Николоски.

Додал дека откако е избрана оваа Влада многу сериозно работи на отворање на нови директни дестинации, што значи полесно патување, 21 нова е отворена.

„Најголем дел се од скопскиот аеродром, дел се од охридскиот аеродром. Можам да најавам поврзаност со Италија. Веќе за јужна Италија се отворија линиите за Наполи и за  Бари од Скопје, а додека за северна Италија во април месец стартува директна линија Охрид-Милано, што многу ќе помогне за луѓето коишто живеат на северниот дел“, истакнал Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најавил нови авиолинии кои што, како што рекол, ќе ја олеснат комуникацијата.

„На тоа доаѓа Аустриан аирлинес, кои што почнуваат редовно да летаат Виена-Охрид, а преку Виена после имате конекција за целиот свет. Охрид-Истанбул веќе имате исто така редовна линија и конекција за цел свет, а скопскиот аеродром веќе оваа година надминува 3 милиони патници, следната година очекувам да надмине 3 и пол милиони патници, што е далеку над бројот којшто го има државата, што мислам дека сериозно говори што сакаме да направиме“, истакнал Николоски.

Тој посочил дека економскиот развој е третата клучна тема, со посебен фокус на инфраструктурата како основен двигател, и дека лично ќе ја поддржува општината, обезбедувајќи дополнителни средства преку Министерството за транспорт за завршување на сите инфраструктурни проекти во Маврово-Ростуше, надвор од редовните фиксни средства по глава на жител.

„Давам лично ветување дека ќе го помагам Онер како иден градоначалник. Ние тоа веќе го правиме моментот кога е вршител на должноста, имавме еден доста сериозен состанок во Министерството за транспорт и ќе го продолжиме да го правиме тоа и бројни проекти ќе реализираме заедно“, нагласил Николоски.

Имајќи предвид дека се работи за една исклучително битна општина за нас, стратешка општина за нас, Николоски најавил поддршка надвор од она што се редовно предвидени средства.

„Знаете дека ние даваме за секоја општина, фиксни средства кои што одат по глава на жител. Некаде околу 135 евра по глава на жител, во однос на општина Маврово Ростуше ќе има дополнителни средства кои што ќе одат преку Министерството за транспорт како еднаш засекогаш би можеле да ги завршиме сите инфраструктурни проекти и веќе да не зборуваме за инфраструктурни проекти“, посочил Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ