Вицепремиерот Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, извршија увид во рехабилитацијата на овој патен правец како дел од Коридор 8.
Проектот се реализира преку ЈП за државни патишта, а инвестицијата е преку 65,5 милиони денари.
„Денеска почнувме со рехабилитација на обиколница Крива Паланка. Тоа е логичен сплет на големиот проект кој што беше пуштен во јануари оваа година, а тоа е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, експресен пат кој што веќе го менува животот за овој дел од Македонија. Веќе со едно пријатно возење се стигнува од Скопје до Крива Паланка. Со рехабилитацијата на обиколницата, оние кои што патуваат кон Софија, Бугарија исто така побрзо и побезбедно ќе може да патуваат. Во таа насока би сакал да споменам дека активно се работи на реконструкција и на граничниот премин, активност која што ја започнавме минатата година и активност која има добра динамика и очекувам да биде завршена набрзо и да има поголем проток на границата.
Преку Владата преку два повици еден оваа година, еден лани, Владата инвестира вкупно 200 милиони денари во проекти во Општина Крива Паланка, што е еден историски рекорд и нешто што никогаш не е направено за овој крај и оваа општина. Секако тука се и другите општини, Ранковце и Куманово и сите кои гравитираат кон овој регион. Ќе продолжиме да работиме во периoдот кој е пред нас и да имаме други успеси”, изјави вицепремиерот Николоски.