четврток, 26 март 2026

Николоски: Блокираните ДУП-ови ја зголемија цената на станбен квадрат

Предизвиците со домувањето во Македонија и неможноста младите да дојдат до сопствен дом поради високите цени на становите, кои достигнуваат до 2.500 евра за метар квадратен во Скопје, предизвикаа полемика меѓу пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, и министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната седница за пратенички прашања во законодавниот дом.

Објавено на

часот

Сподели

Мециновиќ ја обвини Владата за негрижа кон работничките семејства и толерирање шпекулации на пазарот, додека министерот Николоски возврати дека високите цени се директна последица на блокирањето на урбанистичките планови и хистеријата што се создава против градежништвото особено во некои скопски општини и Охрид од страна на Левица и нивните коалициски партнери.

Поставувајќи прашање пратеникот Мециновиќ, истакна дека домувањето не смее да биде комодитет, туку човеково право. Според него, ова е најгорчливото прашање за младите луѓе и нивните семејства, кои, како што рече, се оставени на милост и немилост на пазарот, што директно придонесува за нивно иселување од државата.

Во својот одговор, министерот за транспорт Николоски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека токму политиките на Левица и создавањето отпор кон секој нов детален урбанистички план во скопските општини ја ограничуваат понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените според основните економски законитости.

„Добро е да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку скопски општини и во остатокот од државата, која инаку е релативно коректна, е ваква каква што е, е заради хистеријата што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате. Имено, во Македонија во моментов да се донесе детален урбанистички план се смета за поголемо злодело отколку да се убие човек на улица“, изјави Николоски.

Вели во повеќе скопски општини, како Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир, не се носат планови поради притисокот од јавноста, а слична е ситуацијата и во Охрид каде, поради строгите забрани за градба, цената на квадратот достигнала 4.000 евра.

„Еве за урбанизацијата, вашата политика ја следиме и резултат на вашата политика е 2.500 евра за квадрат. И ако продолжиме со оваа политика, 5.000 евра за квадрат ќе биде, затоа што е едноставно, ако нема градба, ако нема понуда, а има побарувачка, цените ќе одат нагоре. Многу е едноставно, пазар е тоа“, посочи Николоски.

Тој се осврна и на законските измени за олеснување на постапките за изградба на маркети и хотели надвор од урбаните јадра, потенцирајќи дека овие мерки се носат со цел да се привлечат инвеститори, да се зголеми конкуренцијата и да се намалат цените на производите преку разбивање на монополите, обвинувајќи ја опозициската партија за политички популизам кој удира на штета на граѓаните.

„Што е проблемот да се градат хотели во Македонија? Го олеснуваме процесот за маркети, затоа што сами зборувате дека инфлацијата галопира, дека цените на храната отишле нагоре … Менуваме правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, со цел да можат да се градат нови маркети и да се создаде конкуренција. Имаме најава веќе од два големи ланци ‘Лидл’ и ‘Шпар’ веќе се тука … Вие повторно да не пропуштите соопштенија, па сте нè измонтирале мене и премиерот со оној што ве формираше, прашајте го Димитар Апасиев како сте формирани. Со директна материјална поддршка од Сашо Мијалков, кого сега го обвинувате за градење на хотел во Охрид и дека ние не сме го спречиле. Прашајте и која ви беше улогата во 2015 година, да ја рушите Шарената револуција на овие што ја правеа. И сега правите монтажа и на таа слика нè обвинувате зошто полесно во државата ќе се градат хотели надвор од градовите“, одговори Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ