На средбата, на која се разговарало за потенцијалната соработка, Николоски ги презентирал условите што ги нуди Македонија на странските инвеститори, како и потенцијалните можности за инвестиции во земјата, соопшти Министерството за транспорт.
Вицепремиерот Николоски истакнал дека средбата е добра можност за отворање нови перспективи меѓу двете земји, потенцирајќи дека Македонија има одлична геоположба која на инвеститорите им нуди предност во регионот и директно поврзување со пазарите во Централна Европа.
На средбата, Николоски ги презентирал и инвестициските можности во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделието. Тој пред присутните го претставил планот за инфраструктурен развој на Македонија со посебен фокус на модернизација на транспортните коридори.
Исто така, на средбата се разменети и идеи за поддршка на претприемаштвото и приватниот сектор во делот на технологијата, иновациите, обновливите извори на енергија и други сектори.
„Мубадала” е инвестициска компанија со портфолио од 302 милијарди долари која работи на шест континенти во различни сектори.
Денешната средба е во рамки на владината официјална посета на Обединететите Арапски Емирати, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пак, денеска остварил повеќе средби со претставници на стопанските комори, инвестициски фондови и со поединечни претставници на големи корпорации кои изразиле интерес за потенцијални инвестиции во државата.
Во фокусот на разговорите, како што информира Министерството, биле можности за инвестиции во инфраструктурата, туризмот и во рамки на технолошко-индустриските развојни зони.
„Нашата цел е јасна – повеќе, но и подобро платени работни места во нашата држава. Во наредните денови ќе објавиме една исклучително позитивна вест, која ќе значи многу за секој наш граѓанин, за економијата, трговијата и туризмот“, изјави министерот Муцунски.
Тој додаде дека посетата на ОАЕ „носи конкретни и опипливи резултати“ и дека „Владата продолжува со истата динамика и посветеност во следните денови од посетата“.