петок, 5 декември 2025

Никој од обвинетите за „Пулс“ не чувствува вина за смртта на 63-те загинати во дискотеката

Никој од вкупно 35-те физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не чувствува вина за 63-те жртви на концертот во март годинава. Дел од нив изразија сочувство, но првообвинетиот, Дејан Јованов, сопственик на дискотеката, не кажа ниту збор за загинатите деца, туку само кажа дека вина не чувствува. На сите им се суди за тешки дела против општата сигурност, за кое дело е предвидена казна затвор од 3 до 20 години.

Објавено на

часот

Сподели

По изјаснувањето за вина на обвинетите, ќе следуваат воведните говори на адвокатите. Судењето е во тек во судницата близу затворот во Идризово.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Дел од обвинетите рекоа дека би го дале својот живот за децата што загинале, дел изразија сочувство, а на оние што се повредени им посакаа побрзо заздравување. Обвинетите обезбедувачи што кобната ноќ биле на работа за време на настапот на ДНК, пред судот кажаа дека помагале да спасат што повеќе деца и не гледаат причина зошто се во оваа постапка.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ