„Островот Голем Град во Преспанското Езеро претставува уникатен природен амбиент за територијата на нашата држава, каде мноштво живи видови и нивните живеалишта се проткаени со траги од некогашното човечко присуство во милениумите што одминале. Меѓу највпечатливите активни жители на островот несомнено се вбројуваат и шумските желки, кои поради изолираноста имаат развиено уникатни адаптации во нивното однесување и начин на живот, што, пак, од своја страна го привлекува вниманието на светската научна јавност.
При нашите редовни теренски истражувања на оваа популација, забележуваме дека најстарите желки на островот имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот, познат како пластрон. Се чини дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но не одговараат на ниту еден современ метод што го применуваат биолозите што со децении вршат популациски истражувања во регионот“, обкави Македонското еколошко друштво на фејсбук.
Тие немаат информации за тоа кој и кога би можел да врши вакво обележување.
„Врежаните бројки не делуваат како скорешни и веројатно датираат одамна (барем 30, но можеби и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали станува збор за некаква порана научна дејност или, пак, неформално следење на големградската популација на желки од биолози-аматери или од други лица?“, велат од друштвото.
„Голем Град ја има една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, која за жал денес се соочува со големи предизвици за опстанок – пред сѐ поради нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени. Само преку здружени научни истражувања, базирани на јасно утврдена методологија, би можеле да се утврдат евентуални мерки за спас на шумските желки и на останатите живи видови на овој навистина посебен остров во срцето на Преспа“, се вели во објавата на Македонското еколошко друштво во која се додава и апел до граѓаните ако имаат сознанија за овој феномен да ги споделат информациите.






