„Во моментот од нас не е побарана помош од ниеден македопнски граѓанин на територијата на Иран“, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Тој потсети дека МНРиНТ пред неколку дена објави повик во кој ги информира граѓаните дека не треба да патуваат во Иран поради влошената безбедносна состојба.
„Таму навистина има тенденција на влошување на безбедносната состојба и објавивме повеќе контакт-телефони од МНР и од нашата Амбасада во Анкара, Република Турција, кои може да помогнат да се мобилизира државата доколку постои потреба од евакуација на наши граѓани. Со Иран билатералната соработка не е на највисоко ниво, тоа го знаете, немаме резидентно дипломатско-конзуларно претставништво во таа држава, но сите наши ресурси се подготвени да ги ставиме на располагање доколку има потреба од евакуација на наши граѓани“, рече Муцунски на новинарско прашање при посетата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Поради влошената безбедносна состојба во Исламската Република Иран, МНРиНТ завчера упати апел до македонските граѓани, кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат земјата при првите можни и безбедни услови. Истовремено, апелира и да се одложат сите патувања во Иран, кои не се неопходни.
Како што информираа од Министеството, веќе се ставени на располагање негови капацитети за асистенција на државјаните на Македонија преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.






