Активни се пожарите над Богомила, Општина Чашка, кај село Слупчане, Куманово, кај селото Дречавица, Студеничани и повтоно избувна пожар кај селото Грешница, Македонски Брод.
Под контрола се пожарите кај Стровија, Долнени и кај селото Церово, Општина Желино.
Изгаснати се девет пожари.
За новите пожари, откако утрово беше јавено дека нема активни пожари, заменик директорот на Македонски шуми Кире Михаилов на својот фејсбук-профил напиша дека „дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам“.
„…Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот штаб за управување со кризи на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари.
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот штаб за управување со кризи беа упатени сили на ЈП Македонски шуми, екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хечикоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот штаб за управување со кризи делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП Македонски шуми и двата ер трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите“, напиша Михаилов.