понеделник, 19 јануари 2026
Засега барање за притвор нема

Ни МВР, ниту ОЈО ГОКК не кажуваат каде е судијата Ѓоко Ристов кој криел 350.000 евра во ѕид

Никој од надлежните за акцијата која попладнево беше спроведена и во која беа најдени 350.000 евра соѕидани во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов, не кажа официјално каде е осомничениот.

Објавено на

часот

Сподели

Редакцијата на МКД.мк се обрати до МВР да прашаме дали судијата Ристов кој е осомничен дека огромната сума на пари најдени во длабочините на ѕидот е од корупција, е достапен на органите на прогонот, но МВР не препрати во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое раководеше со акција. Одговор ниту оттаму не добивме.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва соопштија дека предметниот јавен обвинител деновиве ќе реши дали ќе побара притвор или друга мерка за Ристов.
„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител ценејќи ги сите околности деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот за што навремено ќе информираме”, кусо одговорија од ОЈО ГОКК.

Согласно член 104 од новиот Закон за Судски совет, Советот со најмалку седум гласови од вкупниот број на членови на со право на глас (тринаесет членови), дава согласност по барањето за одобрување на притвор на судија и му го одзема имунитетот, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Во истиот член е пропишано дека постапката во која Советот дава согласност по барањето за одобрување на притворот на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање. Но, одговор и покрај нашето прашање за овие рокови, од ОЈО ГОКК до доцна во ноќта не добивме.

ОЈО ГОКК и МВР претходно информираа оти во домот на родителите на судија од Апелацискиот суд Скопје, во Неготино, при претрес, се пронајдени 350.000 евра кои биле соѕидани во простор во ѕидот.

Од ОЈО ГОКК соопштија дека постојат сомнежи оти пронајдените пари се незаконски стекнати, а постапката која резултираше со денешните претреси е проширување на истрагата иницирана на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

Судијата Ѓоко Ристов од 2020 година е судија во Апелациониот суд во Скопје, каде во изминатите години одлучуваше во големи судски предмети во кои обвинети беа политичари, бизнисмени и лица со значителна моќ и влијание.

Еден од најпознатите предмети во кои судел и Ристов е „Таргет–Тврдина“, случајот за масовното незаконско прислушување, во кој обвинет беше Сашо Мијалков.

Со укинувањето на пресудата на Кривичниот суд, предметот застаре, што резултираше со негово затворање без правосилна судска одлука за тоа кој незаконски прислушувал политичари, новинари, бизнисмени и граѓани.

К.Д

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ