„Бог да чува! Ниту Баба Ванѓа да стане од гроб не можеше да го предвиди ова, а не пак јас“, изјави Салиу во судницата.
„Поминале 9 години, а по мене функцијата ја вршеле тројца други. Обвинет сум поради обвинение поднесено под притисок на јавноста. Обвинението е изградено врз претпоставки, можел да знае, требало да знае, но јас верувам дека секогаш правдата победува“, рече во воведниот говор Салиу.
Тој пред судот ја цитираше клучната реченица од обвинителниот акт: „Директорите на ДЗС, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување.“
„Според ова, јас уште во 2012 година сум знаел што ќе се случи на 16 март 2025 година. Тоа не е ни правно, ни логично издржано“, нагласи Салиу.
Неговиот адвокат, Димитар Дангов, денеска на судското рочиште го нападна Обвинителството и ги праша обвинителите, „дали кофата за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството“.
„Ако некој во синџирот на каузалната врска си ја вршел својата работа, и на 15 март 2025 година или на 16 март 2025 година пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше Пулс, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, да дадеше Господ така да беше, Шабан Салиу ќе беше одговорен, само затоа што 9 до 14 години порано не постапувал по управно-правни обврски, кои не биле ниту во негова надлежност. Дали во таква ситуација кога го нема пожарот, ќе се сметаше дека го сторил делото? Ќе беше ли одговорен? Не! Немаше да биде одговорен, како што и сега не е одговорен, но немаше да биде ни обвинет“, рече Дангов.
Обвинителството го гони Шабан Салиу за конкретни пропусти во работењето на ДЗС во минатото, односно пропусти што, според нив, придонеле за системската негрижа поради која се случи трагедијата во „Пулс“.






