Според Независни за Карпош, ова претставува повреда на уставно загарантираното пасивно избирачко право и на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции, со што и на граѓаните кои нив ги поддржуваат им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување.
„Неможноста за учество на независните кандидати во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа да се сретне со нас и заедно да се утврдат условите за кандидирање на независните кандидати, да се достави нов предлог кој ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд и нема да го повлечат сегашниот заглавен предлог-закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, кој е противуставен и не ја почитува одлуката на Уставниот суд. Владата не доставува мислење до Законодавно-правната комисија по барањето за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, поднесено во наше име од пратеничката Моника Зајкова на 25.06.2025. Нема автентично толкување на сегашната состојба на Изборниот законик и нема донесено нови измени“, велат од Независни за Карпош.
Оттаму, како последен обид да се разреши сегашната состојба, доставиле барање до претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, итно да бара од Владата да се произнесе по доставеното барање за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, барање до Владата итно да достави мислење до Законодавно-правната комисија по доставеното барање за автентично толкување, барање до Законодавно-правната комисија итно да оценат дали барањето за давање на автентично толкување е оправдано и ако е оправдано, да изготват предлог на автентично толкување и го достават до Собранието. Ако мислењето од Владата е неопходно за оценување на оправданоста, да побараат од Владата да им се достави мислењето по најитна постапка, барање до претседателката Гордана Сиљановска Давкова, да се обрати јавно до Собранието, Владата и медиумите и да побара под итно да се овозможи правна основа за учество на независните кандидати на претстојните избори.
„Бараме разрешување на овој преседан во најбрз можен рок и правна основа за учество на независните кандидати на локалните избори“, велат од Независни за Карпош.
Освен тие оваа иницијатива е поддржана и од независните советници од Зелен хуман град во Град Скопје, од Шанса за Центар во Општина Центар, од Поинаку во Општина Битола, од Стига е во општините Струмица, Босилово и Ново Село како и од поранешни независни советници од Подобро за Тетово во Општина Тетово и граѓанската иницијатива Зелените од Гази Баба.






