„Комитетот за светско наследство беше информиран за загрижувачката трансформација на доброто пред повеќе од две децении – дваесет и две години подоцна и откако три мисии алармираа дека Охридскиот Регион е де-факто Светско наследство во опасност, Комитетот повторно одлучи да ги игнорира експертите и да го награди непочитувањето на Конвенцијата со уште една шанса. Времето кое претходно беше подарено охрабри нови деструктивни проекти, ова го потврди мисијата во 2024 година. Немаме никаква причина да веруваме дека овој пат ќе биде поинаку“, пишува во реакцијата.
Невладините организации сметаат дека со одлуката Комитетот ги изневерил принципите врз кои е формиран и активно ја поткопува самата суштина на Конвенцијата за светско наследство.
„Бараме од Северна Македонија и Албанија овој пат да ја третираат подарената шанса со одговорност, итно и без одлагање да ги стопираат, откажат и одвратат сите тековни и сеуште нереализирани деструктивни проекти, и да покажат вистинска посветеност кон реставрација на Исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион. Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на Охридскиот Регион“, се вели во соопштението на 40 организации од Северна Македонија, Албанија и Европа кои бараа впишување на Охридскиот Регион во Листата на светско наследство во опасност.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со координирана интерсекторска дипломатска активност Македонија доби дополнителен период за имплементација на препораките и вети уривање на дивоградбите и откривање на злоупотребите со издавање на одобренија за градба.
Мицкоски најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а посебно, како што рече, оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти. Со тоа, вели, ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната Влада кои правеле такви злоупотреби.
Според Мицкоски, додека опозицијата ликувала за оваа состојба, Владата се борела да се даде шанса Охрид да добие уште еден транзициски период за примена на препораките, што за жал претходата влада не ги почнала, а се однесуваат за период од 2017 до март 2024 година.
„Тоа е уште една лоша работа која се случуваше во минатото во време на СДСМ. Ги гледав тие прес-конференции и пораки кои доаѓаа од Бихачка и молчев, не сакаве да реагирам, бидејќи се боревме, додека тие ликуваа ние се боревме во жестока дипоматска офанзива да се даде шанса Охрид да добие уште еден транзициски период со што би почнал со имплементирање на препораките кои за жал претходната Влада не само што не ги започна, туку и луѓе блиски до партиите од претходната Влада продолжија да ги злоупотребуваат познанствата со поедици блиски во претходната влада. Па така некои од одобренија за реконструкции прават нови згради да рчеме во центарот на Охрид“, изјави Мицкоски, по присуство на на настан по повод 80 години јубилеј на републичкиот Црвен крст.
Премиерот потенцираше дека препораката од Извештајот се однесуваше за периодот од 2017 година до март 2024.
„Со координирана интерсекторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнител период и да почнеме со имплементирање на тие препораки. За таа цел Министерството за транспорт распиша оглас и ќе ангажираме фирма која овие дивоградби посебно во Охрид, а посебно оние кои имаат одобрение за реконструкција а прераснуават во станбени објекти ќе бидат срушени. И со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои ги злоупотребуваат, а не треба на јавноста да и кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“, наведе Мицкоски.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз на денешната расправа донесе одлука да се одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност. Со тоа, Охрид и државата добија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг мисии, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај до 1 февруари наредната година.
Претходно Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.
Во нацрт-одлуката за стасусот на Охридскиот регион беа посочени забелешките наведени во реактивната мониторинг мисија од минатата година, во која се потврдени наодите од претходните мисии, со заклучок дека кумулативните и тековните влијанија – вклучувајќи го тука урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.