понеделник, 15 декември 2025

Невладините се сомневаат дека до 1 февруари ќе се успее Охрид да остане под заштитата на УНЕСКО

Невладината организација Охрид СОС заедно со десетици други здруженија од Македонија, Албанија, регионот и Европа, реагираше на последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој повторно избегна да го впише Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност, и покрај сериозните предупредувања од експертски мисии и еколошки организации.

Објавено на

часот

Сподели

Во заедничката изјава што беше прочитана пред делегатите на Комитетот, стои дека Комитетот „одлучи да ги игнорира експертите и да го награди непочитувањето на Конвенцијата за светско наследство со уште една шанса“. Тие потсетуваат дека уште пред 22 години биле испратени предупредувања за деградацијата на Охридскиот Регион, а во меѓувреме биле спроведени три мисии на УНЕСКО, кои констатирале дека регионот е де факто светско наследство во опасност.

Мисијата од 2024 година дополнително потврдила дека подареното време не довело до напредок, туку напротив – охрабрило нови деструктивни проекти. Оттаму, организациите остро оценуваат дека со најновата одлука, Комитетот ги изневерил принципите врз кои е основан и ја поткопал суштината на Конвенцијата. Од македонските и албанските власти се бара овојпат да покажат одговорност – итно да се стопираат, откажат и спречат сите тековни и планирани проекти кои ја загрозуваат исклучителната универзална вредност на регионот, и да се вложат напори за негова реставрација.

„И покрај долгогодишните предупредувања за урбана хиперекспанзија, уништување на крајбрежјето, нелегални градби, загадување и инфраструктурни проекти без еколошки студии, Охридскиот регион останува надвор од официјалната листа на загрозено наследство, што само ги охрабрува властите и инвеститорите да продолжат со погубната пракса“, предупредија екологистите.

На 10 јули Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз го одложи ставањето на Охридскиот регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност. Рокот е 1 февруари наредната година.

По одлуката на Комитетот премиерот на Македонија Христијан Мицкоски изјави дека државата ќе ја преземе обврската за уривање на дивоградбите во Охридскиот регион. Тој најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за  реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти. Со тоа ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната влада кои правеле такви злоупотреби. Не треба на јавноста да ѝ кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“, рече Мицкоски.

Според податоците на Општина Охрид, околу 20 илјади градби во Охридскиот регион чекаат за легализација. Поточно, поднесени се 19.940 барања за легализација на објекти, од кои 7.528 се одобрени. Во постапка се и 414 објекти евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро. Во дел од нив станува збор за настрешници, кат од куќа или поткровје.

Според извештаите на УНЕСКО има многу објекти на спорни подрачја – Студенчишко блато, на Кејот, во Националниот парк Галичица, Горица Север и хотелскиот комплекс во Горица… Се бара и ревизија на предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да се осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година. Според невладината организација Фронт 21/42 во рамки на Националниот парк Галичица, има над 70 дивоградби кои се целосно на државно земјиште, а над 40 се делумно на државно земјиште.

Од УНЕСКО бараат и физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот Коридор 8, со детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ