среда, 18 март 2026

Невидливи таблички на македонските улици, системот „Безбеден град“ станува „слеп“

Електронски рамки со завеса што ја прикриваат регистарската табличка се продаваат во Македонија, иако законот бара табличките да бидат постојано видливи. МКД.мк дојде до снимка на која се гледа како засега непознати луѓе менуваат рамка од регистарска табличка во Струга. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека нема опасност по системот за сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Во Европа, во речиси сите земји ваквите механизми се забранети и може да бидат изречени од парични до затворски казни.

Објавено на

часот

Сподели

Овие „паметни“ таблички функционираат на тој начин што со притискање на едно копче, регистарската табличка исчезнува.

Системот „Безбеден град“ станува „слеп“

Ова не е сцена од акционен филм, туку технологија што повеќе од пет години се продава и на македонскиот пазар. Станува збор за таканаречени „смарт таблички со завеса“, уреди кои овозможуваат регистарската табличка на автомобилот привремено да се покрие или сокрие. Овие системи најчесто се монтираат како рамка за табличката, а во себе содржат електричен механизам и подвижна завеса што се активира со далечински управувач. Со притискање на копче, завесата се спушта и ја покрива табличката, правејќи ја нечитлива за камери и системи за контрола на сообраќајот каков што е и системот „Безбеден град“. Доказ за ова е снимката до која дојде МКД.мк на која се гледа како засега непознати луѓе менуваат рамка на регистарска табличка во Струга.

Резултатите од проверката на МКД.мк покажаа дека во Македонија само една фирма (Дог секјурити) јавно преку својата онлајн продавница продава вакви „паметни“ рамки за регистарски таблички. Има два вида. Првиот, каков што е прикажано на видеото се продава како смарт механизми за таблички со завеса и со попуст од 20 отсто се продаваат за 8.900 денари или за 144 евра.

Другиот вид е ротирачки „паметни“ механизми за регистарски таблички кои од едната страна ја покажуваат регистрацијата на возилото и таа нема завеса, но може да се ротира, а со тоа и да се скрие бројот на регистарската табличка, а од другата страна сопственикот на возилото може да постави своја реклама. Овој вид механизам исто така со 20 отсто попуст чини 9.920 денари или 160 евра.

„Паметните механизми за регистарски таблички за кои прашувате се легално увезени и за нив се платени сите давачки“, велат за МКД.мк од Дог секјурити.

„Што се однесува до моделот со завеса кој ја прикрива регистарската табличка, тој се користи исклучиво кога автомобилот е паркиран. Сѐ друго е прекршување на законите, но за тоа одговара оној што го направил прекршокот. Таквиот модел го нарачавме само еднаш и тоа пред пет години, но мислам дека само еден, а можеби ниту еден таков не продадовме. Што се однесува до снимката од Струга што се шири на социјалните мрежи, можеби тој механизам е купен од платформата Тему, бидејќи ние не сме го продале. Другиот модел, оној со ротирачки механизми не ја покрива регистарската табличка, се користи за реклами и тоа најчесто кога се оди на автомобилски натпреварувања. Ваквиот модел го купуваат најчесто фирми кои сакаат да го рекламираат својот бизнис или се купува за потребите на некои државни служби“, велат во телефонски разговор за МКД.мк од фирмата Дог секјурити.

Потенцијален ризик за криминални активности

Поставувањето механизми што ја покриваат или ја прават нечитлива регистарската табличка отвора сериозни прашања за законитоста на продажбата и употребата на овие „паметни“ рагистарски таблички.

Иако во Законот за возила директно не се споменува терминот „безбедна табличка“, сепак според важечките одредби јасно се забранува секоја интервенција што ја прави табличката нечитлива или прикриена.

Според истиот закон, регистарските таблички ги изработува правно или физичко лице овластено од МВР и истите задолжително треба да имаат соодветен квалитет и заштита. Не е дозволено да се менуваат регистарските таблички на возилото.

„Возилото не може да биде во сообраќај со поинакви регистарски таблици од пропишаните или со променета регистарска таблица. Регистарските таблички задолжително треба да бидат наместени на место што го предвидел производителот на возилото, така да бидат добро видливи и читливи, да не се оштетени, да не се скриени и да не се додатно покриени. Регистарските таблици задолжително треба да се приковани, или поврзани со завртка или цврсто поставени на друг начин. Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на сопственик на возилото што постапува спротивно на одредбите од законот“, пишува во Законот за возила.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека преземаат оперативно тактички мерки за пронаоѓање и санкционирање на возачите кои своеволно ги прикриваат или оштетуваат регистарските таблици со цел да не бидат детектирани и санкционирани од камерите на системот „Безбеден град“ при евентуално сторен сообраќаен прекршок. Од МВР тврдат дека прикривањето на регистарските таблички не претставува закана за системот „Безбеден град“.

Во текот на 2025 година МВР констатирало 112 вакви прекршоци на територија на цела држава.

Во Европа „паметните“ таблички се стриктно забранети

Во повеќе европски држави ваквите уреди се стриктно забранети. Клучниот правен принцип во сите европски држави е ист како и во Македонија, табличката мора да биде постојано видлива и мора да биде фиксно поставена, но разликата е што во речиси сите од нив е забрането да има механизам што може да ја сокрие или измени регистарската табличка. Затоа „паметните“ механизми најчесто се третираат како манипулација со регистрација и измама на сообраќајни системи како што се АНПР, камери, патарини.

Такви држави се Германија, Полска, Обединето Кралство, Шпанија, Италија, Норвешка, Шведска, Холандија, Португалија. Казните се движат од околу 80 до 120 евра, како и одземање на возачката дозвола, а во потешки случаи, на несовесниот возач може да му биде изречена и казна затвор од  три месеци до пет години.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ