Но нивните приказни речиси никогаш не стануваат дел од официјалната статистика. Според наодите што ги обработија ХОПС – Опции за здрав живот, Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Еднаквост сега – зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, огромен дел од жените кои употребуваат дроги, сексуални работнички, жени од ЛГБТИ-заедницата, бездомнички, жени од рурални средини или жени кои издржуваат казна затвор не пријавуваат дискриминација. Не затоа што не ја доживуваат, туку затоа што не веруваат дека системот ќе ги заштити. Тие живеат во постојан парадокс – формално имаат права, но практично немаат пристап до нив. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Теренските работници на организациите со години предупредуваат дека овие жени речиси никогаш не стигнуваат пред институција, а и ако стигнат, таму најчесто ги пречекува недоверба, предрасуда или неразбирање.
„Нивните приказни не се слушаат, не се бележат и не се вбројуваат во официјалните извештаи. Затоа решивме со оваа кампања да фрлиме светло врз нив“, велат од ХОПС.
Оваа невидливост не е само административен проблем, туку директно се претвора во ризик: жените немаат пристап до здравствени услуги, не пријавуваат насилство, се плашат од институции и често се препуштени сами на себе. Организациите укажуваат дека најмалку половина од нив немаат никакво знаење за механизмите за заштита, а уште поголем дел изјавуваат дека „не би пријавиле ни кога би знаеле како“ – поради страв од дополнителна виктимизација или осуда.
Кампањата насловена „Сите вредиме исто“ е обид да се справи токму со овие длабоко вкоренети предрасуди и да се отвори прашањето за родова еднаквост во најширока смисла. Нејзината централна порака, дека идентитетот на еднаквоста е ист за секого, повикува на општествена и институционална одговорност: еднаквоста не е условна и не смее да зависи од тоа кој си, каде живееш или какви се твоите животни околности.
„Институциите мора да разберат дека овие жени не се бројка, туку реални луѓе со реални потреби. Системот треба да се приспособи на нив, а не обратно“, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.
Често вината се префрла на самите жени – дека не пријавуваат, не бараат поддршка, не се појавуваат. Но многу е полесно да се каже дека некој не пријавува, отколку да се види дека тој нема каде да пријави. Проблемот не е во нивната неволност, туку во системскиот ѕид пред кој секојдневно застануваат. Затоа кампањата не е само информативна, туку и предупредувачка: предрасудите не исчезнуваат сами, а институционалната нееднаквост не се решава со декларативни документи.
„Ова е повик до секој носител на одлуки, секој здравствен работник и секој граѓанин да ја препознае својата одговорност во заштитата на жените, кои се диспропорционално многу повеќе жртви на (семејно) насилство и системска дискриминација. Важно е да се нагласи дека ова е земја за сите и никој нема право да биде третирани како помалку важен“, велат од Коалиција Маргини.”






