понеделник, 8 декември 2025

Неуспешен тендерот за изведувач на Универзална сала, наредната недела се распишува нов

Тендерот за изведувач на Универзална сала не поминал и идната недела ќе биде одново објавен. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, процесот ќе се одолговлечи за дополнителни два месеца односно до средината на јануари.

Објавено на

часот

Сподели

„За жал, добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина, бидејќи имаше жалба или поплака во однос на изведувачот, кој беше единствениот изведувач. Според мене, проблемот не е суштински, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби, така што наредната недела повторно ќе го повториме тендерот за Универзална сала“, изјави Љутков одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Театар Комедија.

На прашање дали Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028, кога градот ќе биде европска престолнина на културата, министерот одговори дека процесот ќе се одолговлечи за уште два месеца и оти за новиот тендер ќе биде потребно помалку време.

„Сега постапката ќе трае малку пократко, бидејќи фазата во која го изработувавме тендерот траеше околу 15-20 дена. Сега за таа фаза нема веќе забелешки, што значи дека веднаш ќе го распишеме тендерот кога ќе поминат десетте дена. Известувањето го добивме минатата недела, средата или четвртокот, и веднаш по завршувањето на тие десет дена ќе го објавиме одново тендерот. Тоа е околу 30 дена, се надевам дека до средината на јануари ќе го имаме новиот изведувач“, рече Љутков.

Министерството за култура и туризам на 18 октомври информираше дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје и дека тој ден била донесена одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба „клуч на рака“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ