Од Владата признаваат дека проблемите во Комората на медијатори (КМРМ), има, и се поврзани со (не)примената на Законот за медијација донесен во 2021 година.
Претседателка со истечен мандат, проблемот не е од вчера
На Гордана Богеска, претседателката на Комората на медијатори мандатот и истечен веќе две години, иако таа, формално-правно, сѐ уште фигурира како таква. Иако Собранието на медијатори избра ново раководство, Богеска тврди дека до овој момент не се избрани нови органи и претседател на Комората согласно законски пропишана постапка, тема на која МКД.мк веќе пишуваше претходно.
„Во однос на наводниот избор на нов претседател, сакам да укажам дека до мене, како лиценциран медијатор и поранешен претседател, е доставена единствено електронска порака со барање за примопредавање на официјалните печати и документацијата на Комората, врз основа на наводно одржано собрание. Таквиот начин на постапување, без доставена покана, записник, одлуки или било каква релевантна документација, претставува отстапување од законските процедури и принципите на транспарентност“, вели Богеска за МКД.мк.
Таа тврди дека досега не е доставена никаква официјална документација врз основа на која би можело да се утврди фактичката состојба, па затоа не може со сигурност да се потврди законитоста на постапката.
Од Владата признаават дека постапката доцни, но вината ја префрлаат на претходната власт.
„Според Законот за медијација, Владата во рок од три месеци од неговото стапување во сила требало да именува национален координатор за медијација и да спроведе постапка за избор на членови на Националниот совет за медијација. Меѓутоа, рокот не бил испочитуван од претходната влада. Националниот координатор бил именуван на 21 јуни 2022 година, додека Националниот совет бил формиран на 6 септември 2022 година, односно девет месеци по влегувањето во сила на законот“, велат од Владата во одговорите на прашањата што ги испрати МКД.мк.
Според законот, медијаторите кои веќе имале лиценци требало во рок од шест месеци да поднесат барање за трансформација на временски ограничените лиценци во лиценци на неопределено време. Но, бидејќи Националниот совет бил формиран дури по истекот на овој рок, медијаторите практично биле оневозможени да ја спроведат постапката. Како резултат на тоа, дел од нив останале без важечки лиценци, што дополнително ја комплицира ситуацијата околу формирањето на органите на Комората.
Токму на ова предупредува и Богеска и укажува дека суштинска пречка за одржување на законско собрание на Комората е тоа што на дел од медијаторите, иако поднеле барање за продолжување на лиценците, сè уште не им е издадена лиценца од страна на Националниот совет за медијација.
„Неопходно е без одлагање да се обезбеди непречено и целосно издавање на лиценците од страна на Националниот совет за медијација, имајќи предвид дека недовршувањето на овој процес претставува суштинска пречка за утврдување на кворум и законито функционирање на Комората. По издавањето на лиценци на сите медијатори, нема да постојат законски пречки за утврдување на кворум и одржување на изборно, редовно или вонредно собрание“, децидна е Богеска.
Од Владата најавуваат дека Министерство за правда веќе работи на законски измени со цел надминување на ситуацијата. Сепак, додека законските измени се подготвуваат, Комората на медијатори останува во институционален вакум, со оспорен изборен процес и поделби меѓу членовите.
(Не)надлежноста на институциите глевен сојузник на неизвесноста
Со оглед дека во моментот постојат сомнежи за незаконски избрани органи на Комората, вели Богеска, Министерството за правда треба да прземе мерки, бидејќи тоа врши надзор над работењето на Комората на медијатори.
Но, од Министерството за правда, велат освен надзорот над спроведувањето на Законот за медијација тие други надлежности нрмаат.
„Министерството врши надзор над работата и функционирањето на Комората, а во конкретниот случај се работи за Изборно собрание, што значи дека Министерството за правда нема ингеренции во однос на свикувањето и одржување на Изборно собрание на медијаторите за избор на органи и претседател на Комората. Во однос на Именикот на медијатори, истиот го води и го ажурира Комората, па според тоа и во овој дел Министерството за правда нема законски основ за постапување“, велат од Министерството.
И од Националниот совет за медијација топката ја префрлаат во Комората на медијатори со објаснување дека согласно законот, Советот нема надлежност да преземе конкретни мерки за разрешување на состојбите во Комората на медијаторите.
„Националниот совет за медијација нема надлежност да спроведува правна анализа ниту пак да презема други правни дејствија на било кои акти донесени од страна на Собранието на Комората на медијаторите. Оттука, Советот нема никаква надлежност во оценка на валидноста на донесените одлуки на Вонредното изборно собрание на Комората на медијаторите“, се наведува во одговорите на прашањата што ги доби МКД.мк.
Според законот, Комората на медијатори е независна и самостојна организација во која членуваат медијатори кои поседуваат лиценца за вршење работа.
Дали изборниот процес во Комората на медијатори ќе биде поништен и дали ќе следува ново собрание, сега зависи од институционалната проверка и можните законски измени. До тогаш, Комората на медијатори останува во криза, а легитимноста на нејзиното раководство под сериозен знак прашалник.
Искра Опетческа






