недела, 14 декември 2025

Нема активни пожари на територија на државава

Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 18:00 часот , нема ниту еден активен пожар. Шест се целосно изгаснати, додека еден е ставен под контрола.

Објавено на

часот

Сподели

Под контрола е пожарот во Општина Берово, во реонот на планината Готен кон Малешевските Планини, каде што е зафатена нискостеблеста шума, смрека, борова и букова шума, како и грмушки и ниска вегетација.

Во изминатото деноноќие, пожарните служби успешно се справија со шест пожари на отворен простор ширум земјата. Во Општина Карбинци, пожар избувна во шумскиот предел кај селото Јунузлија. Слична ситуација се случи и во Општина Кавадарци, каде што пламна ниска вегетација помеѓу селата Галиште и Ќесендре.

Во Општина Прилеп беа активни два пожара. Првиот се прошири од селото Бешиште, низ местото познато како Бешишки Рид, и продолжи кон територијата на Општина Новаци и граничниот појас со Грција. Вториот зафати поширок реон помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен, каде што гореше мешана шума и нискостеблеста вегетација.

Во скопската Општина Гази Баба беше изгаснат пожар во село Трубарево, каде што гореше отпад, додека во Општина Гевгелија беше изгаснат уште еден пожар во селото Милетево, кој зафати ниска вегетација.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ