Во рамките на оваа недела ќе се спроведуваат повеќе хуманитарни, едукативни и рекреативни активности, меѓу кои информативни пунктови со мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје – автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и плоштад Сарај, хуманитарен есенски базар во Веро Центар, посета на Противпожарната станица Скопје – Автокоманда, хуманитарна изложба во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“, како и предавања во дневните центри за правата од социјална заштита кај старите лица.
Како што информираат од Црвениот крст, ќе има и екс-ју забава со корисниците од дневните центри, донација на суплементи за лицата кои се опфатени со услугата помош во домашни услови, натпреварувачки и забавни игри во дневните центри и посета на изложбата „Мементо“, составена од лични предмети и приказни на комшиите, организирана од здружението „КомшиLOOK“.
Овој сервис е поддржан од Град Скопје, Министерство за социјална политика, демографија и млади и Албиз фондација.
Целта на социјалната услуга е развивање на вонинституционални форми на грижа за старите лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата месечно се опфаќаат над 1.500 лица, корисници на дневните центри за стари лица.






