Анализата потсетува дека во сторијата на ИРЛ објавена на 28 септември годинава, беа обелоденети пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП со синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, за кои ИРЛ кажа дека биле доставени од свиркач, а кои посочуваат на сомнеж за подмитување со подароци, дојави до дискотеката пред да има инспекциска контрола, а се наведува и дека полициски инспектори наводно биле редовни гости во објектот кој работел иако не ги исполнувал неопходните услови за тоа. При тоа се потсетува дека во документарниот филм на ИРЛ се обелоденети само разговори и пораки на актуелни локални функционери.
„Но, има тука нешто повеќе. Има и други грмушки во кои се кријат многу интересни зајци“ се констатира во анализата.
При тоа, Плус инфо објави дел од комуникацијата помеѓу Јованов и Паунов во која се споменуваат дел од поранешни високи функционери на СДСМ.
Така објавена е порака помеѓу Јованов и Паунов во која Јованов му кажува на Паунов дека поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се јавувал во полицијата во Штип за да ургира за дискотеката.
„На 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогаш министер за внатрешни работи) се јавувал во полицијата во Штип, за таму да ургира за дискотеката (‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’). Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната. За каква казна станува збор? Во претходен разговор, Михаил ѝ кажува на Бојана дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40.000 евра. Михаил ѝ објаснува на Бојана дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата и дека тоа не било полицијата од Штип (се мисли на СВР Штип), туку проблемите биле од полицијата од Кочани. За таа цел, вели Михаил, началникот од Кочани ќе бил повикан во СВР Штип, за да се изврши притисок врз кочанската полиција да не врши контроли во дискотеката (порака на Михајло до Бојана, ‘и он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку. Бојана на тоа одговара дека треба, бидејќи почнале многу да се занесуваат (се мисли на полицајците од Кочани). Ургенцијата била направена преку мајката на Михаил, односно преку неговиот дедо, кој имал другар Станко во Скопје, со многу јака врска“, пишува во анализата.
Дека високи функционери на СДСМ го штителе газдата на дискотектата Пулс, се наведува понатака во анализата, се гледа и од пораката на Јованов испратена до Паунов во која му кажува дека „стигнал“ до Благој Бочварски (поранешн министер за транспорт и врски и до Сања Лукаревска, поранешна директорка на УЈП. Паунов на тоа му одговара дека работата може да се заврши преку Лукаревска, но Јованов треба да се обиде и преку извесен од СДСМ.
Втор пример е комуникацијата од 28 јуни 2023 година, помеѓу Михаил и инспекторот Драган Паунов – Дацо, во која Михаил го известува Дацо дека сакале да ја пломбираат дискотеката (да ја затворат) бидејќи тогашниот началник на кочанската УЈП, Никола Тушев (брат на Маринела Тушева поранешна пратеничка и сопруга на поранешниот министер за правда, Бојан Маричиќ) никако не сакал да попушти.
Михаил му праќа порака на Паунов во која бара некако да се заврши работата. Паунов му возвраќа дека штом началникот Никола знаел, веќе он морал да даде амин, началник е. Михаил во порака до инспекторот вели дека му кажале дека до следниот ден ќе виделе, а Паунов го советува да се обиде преку Трајче Стојчевски од СДСМ, претседател на младите, со кого биле блиски. Михаил вели дека ќе се распраша кој е тој, ако не ќе оделе на колективен одмор 15 дена.
Плус инфо објави и пораки во кои Михаил му вели на инспекторот Паунов дека убаво си работеле со нив кога доаѓале, а разговараат и за тоа Михаил да му најде наочари на инспекторот, но да не се поскапи од 300 евра. Дополнително разговараат и како да најдат фирма со големи залихи за да ја ликвидираат, „но со поголеми залихи, да има нешто и за нив“.
Во анализата се посочува и тоа дека освен имињата на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се споменува името на Левица.
„Зад овие примери од комуникацијата што ги презентирав, остануваат еден битен впечаток и еден ноторен факт. Впечатокот е дека на локално ниво, газдите на дискотеката Пулс, како и многу други газди во македонските градови и села, убаво си живеат со локалните инспектори и началници, без разлика дали се ‘комуњари’ или ‘вмровци, а можеби и некои трети – си се грижат едни за други, си одат на седенки, си купуваат и си поправаат наочари и најважно, заеднички бараат канали како да ги ‘фатат клучните луѓе што одлучуваат на повисоките нивоа и во централната власт. Бараат чаре како да си тераат по старо и како да ги симнат од врат чесните луѓе, кои, ете, многу се занесуваат. Фактот е дека во периодот за кој зборуваме и кој веројатно е клучен за начинот на кој е поставенио работењето на кочанската дискотека на смртта – од 2022 до 2024 година – централната власт сепак е во рацете на СДСМ. Тоа за владата на ВМРО-ДПМНЕ и за нејзините кадри кои ги налседиле проблемите не е суштинска олеснителна околност, но и фактот што сега власта е променета не може да биде олеснителна околност за клучните луѓе на СДСМ кои имале допирни точки со проблемите на дискотеката Пулс и за кои младиот газда Михаил и инспектор Дацо зборуваат во меѓусебната комуникација, како и со други лица“, пишува во анализата.
Според Героски објавувањето на комуникацијата во која се споменуваат само функционери од ВМРО-ДПМНЕ е манипулација.
„Јавноста треба да знае зошто се прави таа манипулација. По лошо завршена работа во истрагата, поради слабостите во обвинението кои сега јавно го критикуваат и некои од бранителите на обвинетите (утре и други ќе кренат глас), поради очекувањето и бклиските на жртвите и на повредените да не бидат задоволни од обвинението и од текот на судскиот процес, Јавното обвинителство на чело со Љупчо Коцевски сега се обидува да ја придобие јавноста, со медиумски ‘бомби’, па дури и со обиди да се замолчат адвокати кои се осмелуваат јавно да проговорат за недокваканоста на најновиот ‘бисер’ на творештвото на Љупчо Коцевски и на неговата екипа. Ова потсетува на оние спектакуларни прес-конференции на СЈО, на кои на табла се цртаа кругчиња и квадратчиња со впишани имиња на луѓе и на фирми. Јас сум убеден дека доколку се остави Љупчо Коцевски и обвинителите од поранешното СЈО и понатаму да ведрат и облачат во Јавното обвинителство, обвинението за трагедијата во Кочани и судската постапка ќе се соочат со многу сериозни проблеми. И никакви протекувања докази од ‘свиркачи’ од Јавното обвинителство, никакви медиумски приказни и анализи (вклучувајчи ја и оваа што нја читате), нема да помогнат да се спасиме од уште една срамна театарска претстава во судница, од уште една трагедија со која ќе се надпополни трагедијата во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени“, заклучува Плус инфо во анализата.






