Од спектакуларна најава до низа утврдени прекршоци на концертот на српскиот естраден музичар, Аца Лукас што се одржа во Кавадарци на 22 ноември годинава. При тоа концертот беше прекинат, а музичарот беше задржан во полициска станица, по што беше и парично казнет. Додека менаџераскиот тим на Лукас тврдеше дека причините се политички, за надлежните институции во Македонија дилема нема, пејачот настапувал без потребната дозвола, а биле констатирани и прекршоци од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Законот за пушење, a од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) било констатирано дека во објектот биле присутни поголем број на гости од дозволениот број. Дополнително, Општина Кавадарци одбила да даде дозвола за дополнителна јавно прометна површина за одржување на концертот со образложение дека не се исполнети безбедносните услови.
Фото: Принтскрин
Една недела подоцна беше прекинат и концертот на босанската пејачка Џејла Рамовиќ која заедно со нејзиниот бенд беше казнаета со по сто евра казна поради одржување на концерт во Кичево без при тоа да биде издадена соодветна дозвола за тоа. Ова беше причина таа да го откаже и концертот во Скопје закажан за 5 декември. За разлика од Лукас, таа призна дека организаторот на концертот во Скопје ја немал прибавено целокупната документација.
„За жал, и покрај големите напори на организаторите, како и секој претходен пат, навреме да ги обезбедат сите потребни документи за да можеме јас и мојот бенд да си ја завршиме работата непречено, тоа овој пат не се случи. За да избегнеме какви било непријатности, одлучивме да го одложиме настапот додека не се решат сите административни работи“, изјави Рамовиќ тогаш.
Концертите, спортските настани и свадбите златна кокошка за газдите
Од продажба на карти по симболична цена до износи што се мерат во стотици евра за резервација на маса е вообичаена понуда и слика на угостителските објекти особено пред претстојните новогодишни и божикни празници. Така, од мноштвото понуди има и таква за која треба да се плати карта од симболични 400 денари, а потоа по желба гостинот може да избере еден вид пијалок, најчесто шише од 700 милилтри и тие чинат од 4.000 денари најевтиниот, за шише вотка или вино до 12.000 или 18.000 денари најскапиот за шише виски или шампањско. Сѐ друго, како што се други алкохолни и безалкохолни пијалоци, коктели или вода се доплаќаат.
„Тука се прави разликата во цената и профитот. Во прометот не се прикажува наплатата на специјално понудените пијалоци, тие се плаќаат на лице место во кеш, а фисклана сметка се изадава само за оние пијалоци што се нарачуваат дополнително и тоа само ако инсистирате да платите со картичка. Често се случува и за картите кои се наплаќаат да не се издава фискална сметка затоа што резервациите се најчесто телефонски“, сведочи поранешен долгогодишен сопственик на угостителски објекти.
Профитот на сопствениците „лежи“ и во фактот што при организација на концерти или спортски настани особено на оние што се организираат во спортски сали не е дозволено внесување на храна и пијалоци. Забрането е внесување на пуканки, семки и друга лесна храна, безалкохолни пијалоци, па дури и вода. Сѐ што сакате ќе мора да купите внатре, во рамките на салата. При тоа, никој за тоа не издава фискална сметка.
„На сред лето во најголемите горештини бевме приморани да ги фрлиме шишињата со вода кои штотуку ги бевме купиле ако сакаме да влеземе на концерт во Античкиот театар во Охрид. Внатре пак, едно шишенце вода од 0,33 милилитри се продаваше за 100 денари. При тоа кога побарав да ми издадат фискална сметка продавачот чудно ме погледна“, сведочи за МКД.мк посетителка на концерт на популарен македноски пеач на народни песни.
Фото: Фрипик
Уште еден кец во ракав на организаторите на настани е продажбата на картите. Колку помалку продадени карти толку помалку данок се плаќа. Па, така организаторот пријавува помалку продадени карти, а бројот на посетители на настанот го правда со издадени гратис билети за кои не се плаќа. Но, со развојот на е-трговијата и купувањето и плаќањето на карти преку интернет ваквата можност за (зло)употреба на законите сѐ помалку се користи.
Не помалку профитабилни се и организациите на свадбите каде се потпишуваат договори на половина цена од реалната цена на чинење на свадбата. Половината се плаќа според договорот и за тоа се издава фискална сметка, а половината се плаќа на рака.
Единствен сигурен и целосен увид на наплатата, надлежните институции ја имаат кога организатори се државата, општините или големите продуцентски куќи каде обврските кон државата се регулирани согласно законите.
Прекршочните казни не се доволни за дисциплинирање на угостителите
Од Управата за јавни приходи (УЈП)за МКД.мк велат дека угостителските објекти се обврзани да плаќаат данок на додадена вредност (ДДВ) – доколку се регистрирани како ДДВ обврзници, данок на добивка – за угостителски објекти регистрирани како правни лица, данок на личен доход – за угостители регистрирани како трговци поединци (самостојни вршители на дејност) и придонеси за социјално осигурување – за своите вработени, како и за вршителот на дејност сам за себе. Исто така согласно Законот за регистрирање на готовиснки плаќања (ЗРГП) угостителите задолжително мора да го регистрираат прометот и да издаваат фискални сметки како и на видно место да истакнат соопштение со кое ќе ги информираат потрошувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки.
„Во случаите кога угостителските објекти организираат забави, настапи, дневни, вечерни, предновогодишни и новогодишни прослави, при продажба на влезници, резервации или ваучери должни се да издадат фискална сметка согласно член 2 од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Оваа обврска важи и за сите останати угостители кои остваруваат готовински промет за други угостителски услуги – истиот мора да биде регистриран преку одобрен фискален систем и да се издава фискална сметка за остварен промет или услуга. Дополнително, даночните обврзници кои ќе ангажираат музичари или естрадни уметници како физички лица, задолжително треба да склучат договори за повремени или привремени услуги и да го пријават и платат данокот преку системот на УЈП. Секој граѓанин има право и обврска да пријави недисциплинирани даночни обврзници кои не издаваат фискални сметки“, велат од УЈП.

Покрај овие давачки, угостителите се обврзани да плаќаат и други давачки што се комуналните такси, даноци на имот…, но тие не се во надлежност на УЈП.
Од УЈП тврдат дека Управата редовно врши контроли на терен на целата територија на државата и дека за даночните обврзници, вклучително и за угостителите кои не ги почитуваат законските обврски се преземаат соодветни мерки и се поведуваат прекршочни постапки согласно Законот за прекршоци, Законот за регистрирање на готовински плаќања и Законот за даночна постапка.
„Доколку глобата се плати во рок од осум дена, износот се преполовува. Ако не се плати во зададениот рок, се изрекува забрана за вршење дејност во траење од 15 дена, сè до моментот на плаќање и отстранување на неправилноста. При повторна контрола и неусогласување со законот, УЈП има право веднаш да изрече забрана за вршење дејност во траење од 30 дена.
Во однос на казните изречени на овие субјекти, во текот на оваа година казни се изречени кон 483 угостителски објекти, при што најголем дел од казните се однесуваат за неиздавање на фискални сметки – неевидентиран промет што претставува 73 отсто од сите изречени казни“, велат од УЈП.
И.О.






