„Целта е да се поддржат граѓаните кои купуваат свој дом, додека кај оние кои купуваат стан како инвестиција, учеството ќе се зголеми, заради намалување на притисокот врз цените и за зголемување на финансиската одговорност“, појаснува гувернерот.
Гувернерот нагласува дека банките веќе ги препознаваат граѓаните кои купуваат прв стан како помал ризик, бидејќи тие се поодговорни и кредитот го користат за сопствено живеалиште. Се очекува дека банките ќе понудат подобри услови и пониски каматни стапки за оваа категорија.
Во однос на сегашните каматни стапки, гувернерот истакнува дека тие се релативно ниски во споредба со другите пазари и дека со стабилизирањето на инфлацијата под 3%, кредитирањето ќе стане уште поедноставно и поодржливо.
Народната банка ја следи состојбата на пазарот на недвижности и кредитирањето, со цел да обезбеди одржлив раст и да ги заштити интересите на граѓаните и на банкарскиот сектор.






