Свечената церемонија на доделување на наградите на 12. Меѓунардни Медис награди се одржува вечерва во Љубљана, а ја отвори претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар.
Истражувањето, кое проф. д-р Тофоски го работеше со десетина свои колеги, се фокусира на зачувување на плодноста кај жени со дијагностицирани премалигни и малигни ендометријални лезии, што претставува сè поголем клинички предизвик во современата гинекологија.
Како што јави известувачот на МИА од Љубљана, д-р Тофоски посочи дека истражувањето е од особено значење бидејќи сè повеќе жени го одложуваат мајчинството, карциномските процеси сè почесто се дијагностицираат на помлада возраст, а зачувувањето на репродуктивниот потенцијал стана суштински дел од онколошката грижа насочена кон пациентот. Објаснува дека студијата ја проценува и онколошката безбедност и репродуктивните исходи, обезбедувајќи вредни долгорочни податоци за изводливоста на овој пристап.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар на отворањето на настанот истакна дека секој научен труд, секој експеримент, секоја студија може да биде важен чекор на долгиот пат кон разбирањето.
„Кога овие чекори се поврзуваат, тие создаваат пат на учење и напредок по кој се движи целото општество. Можеме да бидеме горди што иницијативата за ова значајно меѓународно признание потекнува токму од нашиот регион. Ваквите проекти не само што придонесуваат за поголема препознатливост на нашата земја во меѓународната научна заедница, туку создаваат и платформа за средби, соработка, конструктивен дијалог и размена на знаење“, рече Пирц Мусар.
Луј Пастер, вели таа, напишал дека науката не познава граници, бидејќи знаењето му припаѓа на човештвото и е факелот што го осветлува светот.
„Токму затоа научната соработка е, и мора да остане, една од најсилните основи за меѓусебно разбирање, доверба, мир и одржлив заеднички напредок“, рече словенечката претседателка Пирц Мусар.
Победици на 12. Меѓународни Медис награди се од областа на дерматологија д-р Јелена Петковиќ Дабиќ од Босна и Херцеговина; гинекологија д-р Зденек Рушави од Чешка; од интензивна медицина и анестезиологија д-р Хелена Остовиќ, Хрватска; неврологија Берислав Рушка од Хрватска; од офталмологија д-р Леон Марковиќ од Хрватска; педијатрија д-р Михаела Рихтрова од Чешка; од фармација Милица Бајчетиќ од Србија; пулмологија и алергологија д-р Либорија Луговиќ Михиќ од Хрватска и од ревматологија Маркета Дудкова од Чешка.
За 12. Меѓународни Медис награди годинава биле примени 243 пријави од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Македонија, Србија, Словачка и Словенија од лекари и фармацевти кои ги објавиле своите научноистражувачки трудови во реномирани научни списанија со импакт фактор повисок од 1.500. Вкупно 196 пријави ги исполнија сите високи критериуми за номинација за наградите, а 18 од нив се меѓу финалистите. Меѓу членовите на Меѓународната стручна комисија од нашата земја во тековниот мандат е проф. д-р Ана Данева Маркова.
Тоне Стрнад, магистер по фармација, основач на Меѓународните Медис награди и на словенечката компанија Медис, во својот говор истакна дека наградите се насочени кон лекарите и фармацевтите — сите оние кои, покрај редовната работа со пациентите, ја преземаат и дополнителната одговорност за научно-истражувачка работа и на тој начин активно придонесуваат за напредокот на медицината и фармацијата.
„Нивните откритија се насочени кон иднината. Не можеме да знаеме кои од овие истражувања ќе доведат до големи пробиви, но знаеме дека без нив нема напредок. Самата статуетка, наречена „Иднина“, ја симболизира токму таа отвореност — нешто ново што произлегува од знаењето и посветеноста“, рече Стрнад.
Во изминатите години добитници на награди за научни трудови беа д-р Марија Бабуновска од Клиниката за Неврологија, офталмологот д-р Фанка Гилевска, гинекологот д-р Тања Николова, пулмологот д-р Весна Гривчева Пановска и педијатарот д-р Савица Марковиќ Станоеска.
Меѓународните Медис награди за медицински истражувања се меѓународно признание кое се доделува од страна на независна меѓународна стручна комисија за извонредни научноистражувачки достигнувања во девет медицински области (дерматологија, гинекологија, интензивна медицина и анестезиологија, неврологија, офталмологија, педијатрија, пулмологија и алергологија, ревматологија и фармација) во единаесет земји од Централна и Источна Европа и тоа Австрија Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска, Црна Гора, Чешка и Словачка.
Се доделува еднаш годишно. Наградениот експерт добива бронзена статуетка Иднина, диплома и мала финансиска награда.
Наградите се признание за перспективни лекари и фармацевти, кои покрај редовната работа се занимаваат и со научни истражувања. Целта на наградите е да се истакнат тие лекари и фармацевти во јавноста со намера да се препознае нивната работа и да се поттикнат тие и другите за понатамошна научноистражувачка работа. Со својата работа тие носат значајни новини во медицината и фармацијата и со тоа придонесуваат за поефикасна контрола на болестите. Наградата е востановена во 2014 година на иницијатива на словенечката фармацевтска компанија Медис д.о.о која е главен спонзор.
МИА






