Главната причина поради која се јавува разликата меѓу двете категории производи е начинот на кој се третира тутунот кај традиционалните цигари и уредите за контролирано загревање тутун. Кај цигарите, тутунот гори во услови на недоволно количество кислород при висока температура околу 800 Целзиусови степени. При вакви услови на согорување на тутунот, се создава чад кој содржи повеќе од 6.000 супстанции, меѓу кои има и цврсти честички, метали, но и јаглерод моноксид. Над 100 од овие супстанци имаат докажано или пак потенцијално негативно дејство врз здравјето на луѓето. Од друга страна, при користењето уреди што само го загреваат, но не го горат тутунот, се создава аеросол кој има сосема поразличен состав од чадот.
Сознанијата добиени на светско ниво, кај нас ги потврди студијата „Правни, економски и медицински согледувања кон концептот за намалување штети од користење тутун“ што ја спроведе Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) во 2023 година. Во делот на испитувањето на медицинските аспекти за намалувањето штети од користењето тутун, авторите на студијата анализирале податоци добиени во релевантни светски истражувања. Во еден дел од студијата, авторите го отвораат прашањето за влијанието на аеросолот генериран од уредите за контролирано загревање на тутунот, како и на чадот генериран од конвенционалните цигари врз индивидуалното здравје на корисникот на овие производи. Во поширок контекст на загадувањето на непосредната околина, како и влијанието врз здравјето на луѓето во близина, авторите наведуваат дека есенцијално е прашањето за влијанието на споменатите уреди врз квалитетот на воздухот во затворени простории.

„Користењето на уредите за контролирано загревање на тутунот практично не влијае врз квалитетот на воздухот во затворени простории од различен тип. Во амбиенталниот воздух во овој случај се присутни само три соединенија во значајни концентрации: глицеролот (кој не е полутант), ацеталдехидот и, секако, никотинот. Концентрациите на ацеталдехидот и никотинот се значително пониски од максимално дозволените вредности“, пишува во студијата на ЦПИА.
Токму врз основа на собраните резултати, анализи и светски искуства, уредите што го загреваат тутунот до одредена температура, без да го горат, добија одобрение за помала изложеност на штетни супстанции за време на употреба од еден од најрелевантните здравствени регулатори во светот – Американската администрација за храна и лекови (FDA). ФДА ги класифицираше овие уреди во категоријата производи со „модифициран ризик“ (MRTP) и потврди дека нивната употреба значително го намалува производството на штетни и потенцијално опасни супстанции.






