Во просториите на Универзитетот „Фан Ноли“, во албанскиот град Корча, се одржува третиот научен симпозиум за Преспанското Езеро, кое е оценето како „уникатен екосистем во Европа“ каде падот на нивото на водата е загрижувачки.
„На симпозиумот, кој го враќа научното внимание кон едно од најважните природни подрачја на Балканот, по повеќе од 20 години, учествуваат експерти, претставници на органите за управување со води и локални организации од Албанија, Грција и Македонија со цел да разговараат за заедничките предизвици со кои се соочува сливот на Преспа“, објавија медиумите.

Првата сесија беше на тема „Климатски промени и управување со водите“, при што д-р Александар Трајче, директор на Центар за зачувување и заштита на природната средина во Албанија (ППНЕА), се фокусираше на влијанието на климатските промени врз достапноста на водата и динамиката на езерото во овој слив, нагласувајќи ја загриженоста дека Преспа се соочува со загрижувачки пад на нивото на водата, феномен што сè уште не е целосно објаснет од науката.
„Презентациите од трите земји ги анализираа климатските трендови од последните години и нивните ефекти врз водниот биланс, значителното намалување на нивото на водата во езерото и улогата на природните и антропогените фактори, како и хидрогеолошките процеси што ја обликуваат долгорочната динамика на водата“, наведуваат медиумите.

На сесијата беа презентирани и наодите од иницијативата „Преспанска дигитална вода“, која обезбеди интегриран преглед на постојните студии за Преспа, како и конкретни препораки за решавање на празнините во научните истражувања, прекуграничната соработка и одржливото управување со водните ресурси.
Втората сесија е на тема: „Зачувување на биодиверзитетот и управување со екосистемот“, по што планирана е заедничка теренска посета на Националниот парк Преспа.
„Како прво прекугранично заштитено подрачје на Балканот, Преспанското Езеро, продолжува да потврдува дека споделените води бараат споделено знаење, континуиран дијалог и координирана акција, заедничка визија за одржливо управување со ова подрачје од исклучителна природна вредност“, заклучиле учесниците.






