понеделник, 8 декември 2025

Наследниците на Петре М. Андреевски не сакаат државата предизборно да ја заштити неговата оставштина

Би сакала да ве замолам да не го користите ова наше барање за, ставање под заштита на државата на меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски во време на локално предизборие. Тоа нам воопшто не ни беше целта!, напиша на својот фејсбул профил Ивана Андреввска, една од наследничките на оставштината на славниот македонски писател Петре М. Андреевски обраќајки се до Општина Демир Хисар и градоначалникот Никола Најдовски кои вчера објавија демант дека оставштината на Андреевски во неговото родно село Слоештица пропаѓа.

Објавено на

часот

Сподели

Андреевска во својата објава тврди дека експресно ѝ бил избришан одговорот што таа го напишала под демантот на градоначалникот Најдовски па затоа, како што вели таа, чувствува потреба, во име на транспарентноста „за којашто велат дека најповеќе се залага токму Општина Демир Хисар“, одговорот да го пренесе во целост на нејзиниот фејсбук профил.

,,Сполај ви што конечно се огласивте градоначалник, а никаков одговор не добивме на официјалните дописи, апелот и последното барање, се уредно архивирани! Од фотографиите од поставката, видно е дека некој конечно влегол да зачисти (освен во фотошоп ако не се преработени), но изгледа не сте информирани дека најголемиот дел од артефактите (за коишто во ниту еден момент општината не најде за сходно да направи записник!!!) се повлечени заради оштетување од влагата. Знаете ли дека големата празна маса на којашто заради збогатување на впечатокот сте наредиле некакви промотивни торбички е донација од претходниот културен аташе од Германската Амбасада во Скопје, Катрин Фруенсфилд и нејзиниот сопруг. На оваа маса, почитуван, требаше да бидат изложени делата на Петре преведени и издадени во странство. А во позадината е потпрена (оти од влагата падна и се поткрши) табла од форекс со моќна порака од академик Влада Урошевиќ. Добро се направени фотографиите, па тешко може да се забележи како се извиткани кориците и внатрешните листови на единствениот наш семеен примерок на првото издание на „Касни порасни“, но и на собраните дела на Петре, донација од издавачите, Табернакул, Арс Ламина и други, или мувлата зад залепените култни мисли и пораки до народот од Петре. Веројатно не знаете, еве да си знаете, екранот што е поставен на подвижен држач, донација од семејството Филевски, треба да биде во функција. Благодарение на медиумското покровителство што го обезбедивме од Македонското радио и Македонската телевизија, наши еминентни новинари и други вработени во овие институции, се нурнаа во архивите за да обезбедат веродостојни аудио и видео записи од/за Петре. Да не се грижите, никој не се јави да праша каде е УСБ-то. На безбедно е“, напиша Андреевска.

Во јавното обраќање, Андреевска го моли градоначалникот Најдовски, барањето на семејството да не биде користено за ставање под заштита на државата на меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски во време на локално предизборие.

„Тоа нам воопшто не ни беше целта!“, вели Андреевска.

Таа тврди дека апсолутно е манипулативно тврдењето дека во изминативе четири години градоначалникот Најдовски организирал бројни културни случувања во чест на Петре М. Андреевски и дека ја преименувал градската библиотека.

„Таа официјално го носи името на Великанот од 2010 година, кога директор на Домот на културата бил Љупчо Србиновски, а по иницијатива на нејзиниот легендарен библиотекар, писател и истражувач, Борис Дамовски. А не знам дали знаете дека оваа библотека ги поседува и грижливо ги чува буквално сите, и најстарите изданија од книгите на Петре М. Андреевски?! За муралите секоја чест, гордост се на Демир Хисар. Нешто тешко можам да се сетам на некој значаен проект или културен настан што го слават името и делото на Петре. Ако грешам, нека изгорам. А колку би било убаво да покажевте макар малку волја да го воздигнете она што ви е дадено на располагање – национално богатство! Со почит, Сергеица од Воденчаровци”, напиша Андреевска на својот фејсбук профил.

Прашањето за пропаѓањето на меморијалната поставка во чест на славниот македонски писател Петре М. Андреевски го отвори универзитетскиот професор Венко Андоновски по што следуваа реакциите на градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски и министерот за култура, Зоран Љутков.  

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ