Дел од измените предвидуваат кривичните дела сторени при семејно насилство да се гонат по службена должност, без согласност на жртвата, како и воведување ново кривично дело за злоупотреба на интимни фотографии и видеа без согласност. Но, правните експерти и граѓанските организации предупредуваат дека законските решенија ќе останат само „мртво слово на хартија“ доколку не следи суштинско институционално прилагодување и системска поддршка на жртвите.
Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска посочува дека досегашната практика покажала сериозни слабости во заштитата на жртвите на семејно насилство, особено поради фактот што гонењето зависеше од нивната согласност.
„Жртвите, под притисок на околината, финансиска зависност или страв за иднината на децата, многу често ја повлекуваат пријавата и се откажуваат од постапката, по што сторителот останува неказнет“, вели Котеска Стисниовска. Според неа, токму ваквата пракса придонела за зголемување на бројот на случаи на семејно насилство.

Таа нагласува дека измените се резултат на долгогодишни иницијативи од практичари, здруженија и поединци кои работат со жртви, со цел овие кривични дела да се гонат по службена должност. Сепак, додава дека институциите сега имаат обврска сериозно да се прилагодат на новиот модел.
„Најголемото прилагодување мора да биде во препознавањето на ризикот и постапувањето со жртвата, бидејќи и со ова законско решение постои опасност од т.н. латентно повлекување на жртвата и опструкција на постапката“, предупредува таа.
Според адвокатката, Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална заштита се првите институции што мора да имаат темелно познавање на законските одредби и на Истанбулската конвенција, за да можат соодветно да реагираат. Таа укажува и на потребата државата да вложи во јакнење на капацитетите за помош на жртвите – обезбедување сместување, финансиска поддршка во кризен период, помош при вработување и создавање услови за самостојно функционирање.
Паралелно со заштитата на жртвите, Котеска Стисниовска смета дека институциите мора да се насочат и кон системска работа со сторителите.
„Во моментов, советување и психолошка помош за сторители на семејно насилство практично се спроведува само преку една невладина организација во Скопје. Потребно е отворање вакви центри и во други градови“, вели таа.
Дополнително, како сериозен проблем го посочува реткото изрекување на мерката отстранување на сторителот од домот. Според ревизорските извештаи, во текот на цела 2025 година, на пример, Основниот суд во Битола ниту еднаш не ја изрекол оваа мерка, иако таа е клучна за заштита на жртвата и за обесхрабрување на идните насилства.
Покрај измените поврзани со семејното насилство, новиот член 152-а од Кривичниот законик, за првпат воведува посебно кривично дело за злоупотреба на интимни снимки, фотографии и други аудио-визуелни материјали без согласност.
Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство оценуваат дека оваа измена конечно создава јасна правна основа за гонење на ваквите дела, вклучително и случаи со изменети или целосно креирани содржини со дигитални алатки, како дипфејк материјали.
„Со години постоеше правна празнина и институциите се обидуваа овие случаи да ги вклопат во други кривични дела, што често резултираше со неказнивост или одолговлекување на постапките“, наведуваат од Мрежата.
Тие потсетуваат дека дигиталното насилство има долгорочни последици врз жртвите – психолошка штета, стигматизација, социјална изолација и губење работа или образование.

Сепак, и покрај позитивниот чекор, од Националната мрежа укажуваат на одредени слабости во законското решение. Делото е сместено во делот за заштита на приватноста, иако во пракса често станува збор за родово базирано насилство, особено кога сторителот е поранешен партнер или лице со позиција на моќ. Дополнително, предупредуваат дека ограничувањето на поимот „сексуално експлицитна содржина“ може да остави дел од жртвите без соодветна заштита, бидејќи и неексплицитни фотографии или манипулирани слики можат да предизвикаат сериозна штета.
Како клучно прашање, Мрежата ја нагласува и согласноста, односно јасната разлика меѓу согласност за снимање и согласност за споделување.
„Фактот дека некој учествувал во создавање на интимен материјал не значи дека дал согласност тој да се злоупотребува. Судската пракса мора јасно да покаже дека одговорноста е кај сторителот, а не кај жртвата“, порачуваат од Националната мрежа.
Со најновите измени на Кривичниот законик, државата за првпат воведува посебно кривично дело со кое се санкционира злоупотребата на интимни снимки, фотографии и други аудио-визуелни материјали без согласност на лицето на кое тие се однесуваат.
Новиот член 152-а, според Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, претставува значаен чекор напред во заштитата на жртвите од дигитално и родово базирано насилство, но истовремено отвора и сериозни прашања околу неговата практична примена.
Од Националната мрежа појаснуваат дека новото кривично дело опфаќа ситуации на неовластено споделување, објавување, заканување со објавување или манипулирање со интимни фотографии, видеа и други аудио-визуелни содржини без согласност на лицето на кое тие се однесуваат. Особено важно е што законот не се ограничува само на веќе постоечки материјали, туку ги опфаќа и содржините кои се изменети или целосно креирани со дигитални алатки, како што се дипфејк видеа и фотографии, со што се одговара на новите облици на злоупотреба што ги носи современата технологија.
Законот предвидува и потешки облици на делото во случаи кога жртвата е дете, како и кога сторителот е службено лице кое делото го извршило при вршење на службата. Според Националната мрежа, ова укажува дека законодавецот ја препознава сериозноста на ваквите злоупотреби и потребата од посилна заштита, особено кога постои дополнителна ранливост или злоупотреба на позиција на моќ.
Како клучна придобивка од измените, од Мрежата наведуваат дека со години постоела правна празнина, поради која жртвите немале конкретно кривично дело под кое сторителите би можеле соодветно да се гонат. Во пракса, институциите честопати ги квалификувале овие случаи преку други, несоодветни кривични дела, што резултирало со бавни постапки, нецелосна правна заштита или целосна неказнивост. Во меѓувреме, дигиталното насилство станало сè пораспространето, а интимните материјали, споделени преку социјалните мрежи и апликациите за размена на пораки, можат за секунди да се прошират и трајно да останат достапни во онлајн просторот.

Предупредувањето дека штетата што ја трпат жртвите е долгорочна и често вклучува сериозни психолошки последици, стигматизација, социјална изолација, па дури и губење работа или можност за образование. Токму затоа, воведувањето на ова кривично дело се смета за основа за поефикасно гонење на сторителите и посоодветна заштита на жртвите.
Сепак, и покрај позитивниот исчекор, од Мрежата укажуваат на одредени слабости во сегашното законско решение. Делото е сместено во делот за „заштита на приватноста“, иако во реалноста, во многу случаи станува збор за форма на родово базирано насилство. Особено кога сторителот е поранешен партнер, познаник или лице што има одредена моќ врз жртвата, злоупотребата на интимни материјали претставува средство за контрола, заплашување или изнуда, а не само повреда на приватност.
Дополнително, клучно прашање ќе биде начинот на кој институциите ќе го применуваат овој член во пракса. Од Националната мрежа потенцираат дека не е доволно делото да постои во законот, туку полицијата, обвинителството и судовите мора да располагаат со знаење и капацитет за работа со дигитални докази, брзо отстранување на спорната содржина и обезбедување соодветна поддршка за жртвите. Како пример за институционални слабости се наведува и искуството со случајот „Јавна соба“, каде што поради недостиг од јасна правна квалификација и координирана реакција, постапките се одолговлекувале, доказите се губеле, а жртвите биле изложени на дополнителна штета.
Посебно внимание, според Мрежата, треба да се посвети и на ограничувањето на поимот „сексуално експлицитна содржина“. Ваквата формулација може да создаде проблеми во пракса, бидејќи не секоја злоупотреба мора да вклучува класична голотија или експлицитен сексуален чин за да предизвика сериозна штета. Фотографии во костим за капење, приватна комуникација, лични фотографии преземени од социјални мрежи или манипулирани слики, често се доволни за жртвата да биде изложена на јавен срам, уцени, закани и силен психолошки притисок.
Како суштинско прашање, Националната мрежа ја нагласува и разликата меѓу согласност за снимање и согласност за споделување. Фактот дека некој доброволно учествувал во создавање на интимен материјал, не значи дека дал согласност тој материјал да биде објавуван или користен како средство за закана. Според нив, судската пракса мора јасно да покаже дека одговорноста е кај лицето што ја злоупотребува содржината, а не кај жртвата што му верувала на сторителот.
И адвокатката Котеска Стисниовска и граѓанските организации се согласни дека измените на Кривичниот законик се значаен чекор напред, но дека вистинскиот тест ќе биде нивната примена. Без ефикасна институционална координација, стручна работа со жртвите и сторителите и реална поддршка по пријавувањето, предупредуваат, ризикот од повторна виктимизација и неказнивост ќе остане реален.
Катерина Додевска






