Народниот правобранител порачува секоја наша секојдневна рутуна да биде позитивна, суштинска, да правиме работите да бидат достижни за сите, без разлика на која група припаѓаат. Ова се трите есенцијални збора – на кои треба да се фокусираме.
Во пораката се нагласува дека во овие турбулентни времиња, во кои илјадници луѓе поради воените конфликти се соочуваат со недостоинствен живот, поради тоа што немаат покрив над глава, питка вода, храна, време во кое децата се надвор од образовниот систем, сите ние, како бранители на човековите права мора да бидеме гласни во нашите заложби оваа состојба да се промени и нормалните текови на животот да станат „нашите секојдневни основни работи“.
„Денес, е добар повод ние, бранителите на човековите права, на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, уште еднаш да ја потврдиме нашата цврста заложба да работиме на промоција и унапредување на човековите права, и да испратиме порака: да работиме сите под еднакви услови и сите да можат да си ги остварат своите со Устав и закон загарантирани права; да ги елиминираме дискриминацијата, тортурата, нехуманиот третман, да помогнеме во создавањето на услови за еднаков пристап до правото и правдата за сите; да помогнеме децата да имаат среќно и безгрижно детство, квалитетно образование; да докажеме дека потребата од родова еднаквост е минато. Всушност, тоа е и наша основна задача, како адвокати на народот, максимално да се заложиме за човековите слободи и права“, се вели во пораката на Народниот првобранител по повод Меѓународниот ден на човековите права .






