среда, 14 јануари 2026

Народниот правобранител бара достоинствено домување, а не присилно иселување, како решение за населбата на Вардариште

Народниот правобранител ја осуди изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, за иселување на ромските семејства од Вардариште по пожарите на таа локација, и побара да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина и достоинствено домување.

Објавено на

часот

Сподели

„Остро ја осудуваме изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување за ‘агресивна реакција’ и иселување по кратка постапка на ромските семејства од Вардариште. Ваквите изјави, ја поттикнуваат стигматизацијата и дискриминацијата врз ромската заедница и се во спротивност со принципите на недискриминација и еднаквост гарантирани со Уставот на Република Македонија, Стратегијата за инклузија на Роми 2023–2030 и меѓународните документи кои го гарантираат правото на достоинствено домување и недискриминација. Според Народниот правобранител, изјави кои повикуваат на присилно раселување на цели заедници, особено врз етничка основа, не само што се опасни и дискриминаторски, туку и ја поткопуваат довербата кон институциите. Наместо закани и принудни мерки, потребен е дијалог, системски пристап и соработка со локалната самоуправа, граѓанските организации и самите жители, за да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина, и достоинствено домување“, соопшти Канцеларијата на Народниот правобранител.

Укажуваат дека Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030,  јасно ја дефинира областа „домување“ како една од клучните приоритетни области, со цел подобрување на условите за живеење, легализација на постојните живеалишта, интегрирано урбанистичко планирање и обезбедување пристап до основна инфраструктура. Стратегијата, се наведува во соопштението, јасно нагласува дека решавањето на прашањето со домувањето мора да биде во согласност со човековите права и достоинството на секој поединец, без присила и без раселување „по кратка постапка“.

„Народниот правобранител укажува да се има предвид Европската конвенција за човекови права, која го гарантира правото на почитување на домот и семејниот живот; Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кој го препознава правото на секое лице на соодветно домување и забранува произволни или присилни иселувања, како и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, која бара државите да обезбедат еднаков третман и да се воздржат од мерки кои би довеле до асимилација или сегрегација. Исто така, и Препораките на Европската комисија и Советот на Европа за интеграција на Ромите повикуваат на одржливи решенија за домување, во духот на инклузија и еднаквост. Ги повикуваме институциите и јавните личности да се воздржат од изјави кои поттикнуваат дискриминација и да работат во согласност со националните стратегии, меѓународните стандарди и принципите на човековите права“, се вели во соопштението.

Осудата на Народниот правобранител, се однесува на изјавата на директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов дадена на гостување во поткаст на ТВ Канал 5.

„Во депонијата Вардариште има една ромска населба, живеат Роми ( се оградувам – не мислам на сите Роми, за да не бидам обвинет за шовинизам, расизам). Оние Роми коишто живеат на депонијата се всушност тие кои палат кабли, за да го извлечат бакарот, но и друг вид на отпад од којшто ги вадат металот, жиците… Ако овие луѓе од таму се иселат, ќе скокнат можеби десетици и повеќе здруженија за заштита на човековите права. Ако мене ме прашувате, јас сум за агресивна реакција, по кратка постапка“, изјави Ангелов.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ