петок, 6 март 2026

Народната банка координатор на Националната коалиција за кодексот за финансирање на жените претприемачи

Народната банка (НБРМ) денеска соопшти дека продолжува со активностите околу спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи. Кодексот се спроведува согласно Меморандумот за соработка потпишан со Европската банка за обнова и развој, а со вклученост на претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за иницијатива на светско ниво на регулаторите,  давателите на финансиски услуги и на другите учесници во финансискиот екосистем, насочена кон активности коишто треба да придонесат за полесен пристап до финансии на микро, малите и средните претпријатија во сопственост на жени.

Во рамки на активностите на Кодексот, во октомври 2025 година, Народната банка првпат објави преглед на податоците за пристапот до кредити на претпријатијата во сопственост на жени достапен на веб страницата https://mkddashboard.fsturkey.com/mk.

Воедно, наведува НБ, активно се работело на формирање на Националната коалиција за примена на Кодексот во нашата земја. Покрај Народната банка, како национален координатор и обединител, во Националната коалиција учествуваат 19 институции, меѓу кои шест банки, две штедилници и Македонската банкарска асоцијација (МБА). Од јавниот сектор, вклучени се Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво. Институциите коишто се дел од Националната коалиција се организирани во три работни групи посветени на деловното окружување, прибирањето податоци и на финансиските и нефинансиските услуги за претпријатијата во сопственост на жени.

Институциите членки на Националната коалиција неодамна го заокружија списокот со заложби за примена на Кодексот и го објавија на своите веб-страници, а Народната банка го објави интегрирано, во делот од својата веб-страница посветена на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (https://www.nbrm.mk/we-finance-code-en.nspx). Објавените списоци упатуваат на цврстата определба за ангажирање во активности за поддршка на женското претприемаштво во нашата земја, што е во прилог на јакнење на потенцијалот на економијата во целина.

„Активностите на Народната банка и Националната коалиција во следниот период ќе бидат насочени кон натамошно проширување на Коалицијата со нови потписници, спроведување анкета за оцена на потребите, утврдување на националната дефиниција на претпријатијата во сопственост на жени за потребите на Кодексот, наоѓање системски решенија во доменот на податоците според родовата структура во сферата на финансиите, дефинирање на начинот на известување, како и редовни анализи на податоците“, се вели во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ