„Со праќање на СМС-порака за влез на моторното возило, вие директно придонесувате кон заштитата на природата на Шар Планина и помагате во зачувувањето на ова уникатно природно богатство за идните генерации. Стратешките заложби на ЈУ Национален парк Шар Планина се насочени кон тоа на посетителите кои не оставаат еколошки отпечаток да не им се наплатува влез во Националниот парк“, се вели во денешното соопштение на НП Шар Планина.
Граѓаните може да платат со праќање на порака (СМС) од нивниот телефон со категорија на возилото и број на регистрација на телефонскиот број 144 – 555 или да скенираат QR-код, да изберат категорија на возило и да внесат податоци. За мотоцикли и автомобили надоместокот изнесува 150 денари, додека 250 денари за комби и минибус до 20 седишта. Автобусите и тешките товарни возила ќе треба да плаќаат по 450 денари.