сабота, 12 јули 2025

Најдоброто допрва доаѓа, новите темели веќе се гледаат, вели Мицкоски

„Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок“, порача премиерот Христијан Мицкоски во објава на „Фејсбук“, по повод една година од формирањето на Владата на промените. Тој потенцира дека Владата не почнала од нула, туку „од минус“, наследувајќи, како што вели, длабоки проблеми и разурнати системи.

Објавено на

часот

Сподели

„И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме“, напиша Мицкоски, додавајќи дека тие темели се „секојдневната борба за тебе и твојата иднина“.

Според него, државата чекори кон „времето на Македонија“ – период на просперитет, ред, развој и вредности. „Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме“, додаде тој.

Мицкоски во објавата ги наведе главните резултати на Владата постигнати во првата година:

  • Зголемени пензии и плати,

  • Интензивна изградба на патишта,

  • Над 1.2 милијарди евра странски инвестиции,

  • Вработување на 1.000 полициски службеници,

  • Испорачани над еден милион учебници уште на првиот училишен ден во учебната 2024/2025 година,

  • Двојно зголемување на буџетот за наука – 680 милиони денари за 2025,

  • 229 милиони денари за проекти во областа на животната средина,

  • 500 милиони евра за поддршка на бизнисите и капитални проекти во општините,

  • Раст на македонската економија која, според него, е на 4. место во Европа според растот на БДП во првиот квартал – веднаш зад Ирска, Данска и Полска.

„Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните“, истакнува премиерот, додавајќи дека Владата е свесна за тешката состојба која ја наследиле и дека „чуда не се можни преку ноќ“.

„Со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кои ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат. Најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат“, порача тој.

Мицкоски најави и отчет на Владата по повод првата година работа, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот.

„Секогаш блиску до народот и за граѓаните. Утре се гледаме на отчетот на првата година од Владата на промени. 1 година од новиот почеток, 1 година градење темели, 1 година за тебе! Доаѓа Времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените!“, напиша на крајот од објавата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ