Во петокот, НП Шар Планина соопшти дека оваа фирма нема склучено договор за движење со возилата, на што реагираше и операторот со соопштение дека објавата не ја отсликува реалната состојба на терен.
Од НП Шар Планина денеска велат дека до договор дошло по конструктивен дијалог и институционална координација, па сега Ескимо спорт изразил целосна подготвеност за почитување на планот за управување, планот за движење на моторизирани возила, како и на останатите одлуки и акти што Националниот парк ги има донесено за регулирање на оваа материја. Потпишан бил договор и со ресторан Арена, кој врши угостителска дејност на територијата на Националниот парк.
„Овој чекор претставува значаен придонес кон воспоставување јасен и регулиран систем за вршење туристички дејности во Националниот парк, со што се обезбедуваат заштита на чувствителните живеалишта и биодиверзитетот, јасен режим на движење и надзор, зголемена безбедност за посетителите и вработените, како и развој на одговорен и одржлив планински туризам. Преку дијалог, транспарентност и взаемна одговорност, продолжуваме да градиме модел во кој заштитата на природата и економскиот развој одат рака под рака, во интерес на јавноста и на идните генерации“, се вели во соопштението на НП Шар Планина.
Национален парк Шар Планина информира дека доделиле благодарница на операторот Ескимо спорт како признание за подготвеноста за усогласување со институционалните процедури, како и за фактот дека претставува прв оператор од ваков вид туристичка дејност.






