недела, 7 декември 2025
Се договараат техничките чекори за транспарентен и фер судски процес

Над 200 оштетени кои ги загубија своите деца и роднини во „Пулс“ го чекаат процесот кој почнува следната недела во судницата во Идризово

На 19 ноември почнува судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани која се случи во март годинава и во која загинаа 63 лица, а 193 беа повредени. Сите вклучени во постапката ги очекува долг и тежок судски процес, а денес поради тоа се одржа брифинг за да се договорат техничките текови за да може судскиот процес да почне навреме и да биде транспарентен.

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролите на Основниот кривичен суд Скопје и на Основното јавно Обвинителство Скопје, Дејан Ристовски и Биљана Арсовска, претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовски, државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски како и претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски денес на брифинг со новинарите одржан во големата судница во затворот во Идризово, беа согласни, дека сите од секоја фела треба да придонесат за ефикасен судски процес во кој сите ќе имаат почит и кон споменот за жртвите и кон нивните роднини.

„Ова е еден од најголемите и најтешките судски процеси за една голема трагедија. Вакво судење кај нас немало, а не се памети ниту во регионот. Сите кои се вклучени во постапката да ги следат правилата за да може да им се овозможи на вклучените во постапката да имаат судски процес кој ќе биде транспарентен. Закажани се најмалку две рочишта во неделата. Првото почнува на 19 ноември, па на 25 и 26, па потоа на 2,4, 10 и 11 декември. За следните закажани рочишта јавноста ќе биде информирана“, посочи портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје, Ристовски.

На денешниот брифинг присутни беа и дел од обвинителите кои се вклучени во овој судски процес, а според најавите на Коцевски обвинението во случајот „Пулс“ го застапуваат 15 обвинители.

Коцевски уверува дека ниту еден обвинител нема да биде причина за да се одложи некое рочиште од закажани, а додава и дека овој процес и работењето на истиот им покажал дека неспорна е потребата од обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје.

„Бевме ефикасни во истрагата и ја завршивме за 2 и пол месеци. Се работи за многу обемен доказен материјал на кои работеа подготвени обвинители. Ве уверувам дека од наша страна гарантираме ефикасен судски процес и ниту еден обвинител нема да биде причина за одложување на закажано судење. Во доказите нема да навлегувам, само ќе кажам дека има голем број на докази“, рече обвинителот Коцевски.

Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Димовска нагласи дека новинарите во оваа постапка ќе бидат очите и ушите на јавноста и дека треба многу внимателно да го следат процесот и да известуваат за истиот. Таа додаде дека секој еден од обвинетите кој ќе сака да одложи рочиште со медицинска документација, нема да може додека не биде проверено лично од судот и дека во овој процес судот ќе биде строг во постапувањето кон странките во постапката.

„Да се однесуваме со почит и достоинство сите вклучени во овој процес. Имаме 38 обвинети лица, од кои 35 се физички и три правни лица. Судијката која ќе го води процесто, Дијана Груевска Илиевска побара да не биде снимена таа и советот. Јас само ќе нагласам дека треба да се однесуваме со почит кон жртвите“, истакна судијата Димовска.

Претседателот на Адвокатската комора, Михајловски посочи дека адвокатите во оваа постапка мора да му помогнат на судот да има фер судски процес и да има ред и дисциплина во судница со оглед на трагедијата за која ќе се постапува.

„Верувам дека адвокатите ќе имаат услови за работа, но апелирам и колегите да помогнат да има ред и дисциплина во судницава. Има момент во кој истите адвокати се појавуваат и како бранители и како полномошници на оштетените, а за тоа разговараме во Адвокатската комора. Овде ќе има правна борба, а мора и адвокатите да му помогнат на судот во поставувањето на ред и дисциплина, бидејќи физички напади не очекуваме“, рече Михајловски.

Во јуни беше поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица, кои се гонат за тешки дела против општата сигурност. Потоа, отворена беше постапка за уште едно лице. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници во Македонија.

Покрај главниот предмет, се води и истрага против 13 полицајци поврзани со случајот.

Обвинение за полицајците осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе има на почетокот на декември. Државниот обвинител Коцевски, кој првично најави завршување на истрагата во септември, вчера изјави дека изминатиот период биле сослушувани сведоци, а јавно-обвинителска одлука најави за почетокот на следниот месец.

Оваа истрага се води во обвинителството за гонење организиран криминал против 26 полициски службеници за тешки дела против општата сигурност кои беа осомничени во неколку наврати.

Во кочанското обвинителство сè уште трае и предистрагата за вработени од УЈП во врска со објавената комуникацијата меѓу синот на газдата на „Пулс“ и инспектори од Управата кои по медиумските истражувања беа суспендирани.

К. Додевска 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ