Овие податоци и загриженост доаѓаат во време кога Скопје веќе се соочува со едни од највисоките нивоа на аерозагадување во Европа, а зимските месеци дополнително ја влошуваат ситуацијата со здравјето на граѓаните и квалитетот на воздухот.
Мапата изработена од Шанса за Центар покажува дека меѓу објектите што се греат со мазут и нафта се наоѓаат болници, училишта, градинки, судови, касарни и други јавни институции кои и покрај постоечките системи на централно парно греење сѐ уште користат валкани горива со висок удел на сулфур и други загадувачки честички.

Меѓу јавните објекти што се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство во Скопје се ЈСП автобаза Автокоманда и ЈСП автобаза Ѓорче Петров, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, топланите запад – Тафталиџе, исток – Керамидница и 11 Октомври – Кисела Вода, како и Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација Скопје и Железници Транспорт АД-Скопје, кои користат мазут. Дел од објектите што користат екстра лесно масло за домаќинство се Општина Гази Баба, сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, ЈДГ „8 Март“ – Кисела Вода и Пржино, ОУРЦ „Иднина“, основните училишта „26 Јули“, „Сами Фрашери“ – Глумово, „Ѓорче Петров“, „Мирче Ацев“, „Димитар Поп Георгиев Беровски“, „Страшо Пинџур“, „Јоаким Крчовски“, „Димитар Македонски“, како и поликлиниките Бит Пазар и Драчево и Психијатриската болница Скопје.
Ова се само дел од објектите кои продолжуваат да се греат на нееколошки горива и ја дополнуваат загаденоста на воздухот во главниот град.
Според анализите, за една сезона може да се согорат милиони литри нафта и илјадници тони мазут, што значително ја влошува емисијата на штетни гасови и честички кои завршуваат во амбиенталниот воздух кој го дишеме секој ден.
Шанса за Центар упатува на фактот дека овие јавни објекти, иако финансиски зависни од буџетот на градот и државата, не ги користат достапните почисти и поеколошки опции за греење, иако такви алтернативи постојат – барем за дел од нив.
Горењето на мазут е познато како едно од највалканите начини на греење, со значителни емисии на сулфур диоксид (SO₂), честички (PM10 и PM2,5) и други штетни соединенија кои се поврзуваат со респираторни и кардиоваскуларни болести. Овие загадувачи се особено штетни за деца, стари лица и лица со претходни здравствени проблеми.
Од Шанса за Центар постојано нагласуваат дека замена на горивата во јавните објекти бара политичка волја и вложување буџетски средства, бидејќи институциите имаат поголем технички капацитет за промени отколку приватните домаќинства.
Соодветни политики и инвестиции би можеле значително да ја намалат загаденоста на воздухот во зимскиот период.
На мазут се греат и дел од болниците кои ги лекуваат пациентите со респираторни болести на кои дел од здравствените проблеми им се токму од загадувањето.
Во 2024 година тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари најави дека Владата го прифатила проектот со кој 10 болници ќе го заменат досегашното греење со мазут и нафта.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека Владата е во потрага по партнери со кои, врз основа на пазарни услови, заеднички ќе вложат во систем за затоплување на домовите, базиран на согорување на природен гас, односно когенеративни централи што ќе произведуваат електрична енергија и гас.
Се смета дека на тој начин загадувањето ќе се намали барем за 60 отсто, од причина што најмногу е предизвикано од начинот на кој се затоплуваат домовите, со дрва, паркет, стар мебел и слично.
Но Мицкоски тогаш нагласи дека магија и чуда не постојат. Тоа е бавен процес и ќе трае три-четири години, од причина што од СДСМ, според него, не направиле ништо на ова поле.
Инаку нафта и мазут за греење користат и училишта, општини и многу други институции, но решение засега за друг извор на топлинска енергија, нема.
К.Д.






