„По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30 јули против четворицата претходно обвинети“, информираат од Јавното обвинителство (ЈО).
Оттаму соопштуваат дека истражната постапка е завршена и за возачот што го возеше Палевски од Србија до Турција кој е осомничен за помагање по извршување на кривичното дело.
„Постапката против него ќе се води одвоено“, велат од ЈО.
Според обвинението, четворицата претходно обвинети како соизвршители, тие испланирале грабнување на 14 годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
„На 22.11.2023 година заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде што од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, пишува во обвинението кое на 8 јули 2024 година го поднесе Обвинителството.
На 27.11.2023 обвинетите и осомничениот Палевски ја грабнале Вања Ѓорчевска во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Скопје.
Телата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежеовски беа пронајдени на 3 декември 2023 година.






