Првото бебе во 2026 година во Македонија е Евгенија, трето дете на семејството Камчеви кое се роди точно на полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. Родена е со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантиметри. Мајката е 38-годишната Емилија Камчева. На полноќ се родени и две близначки во Гинекологија Чаир Скопје.
Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицкоска.

Директорката на ГАК Ирена Алексиоска-Папестиев изјави дека Евгенија е симбол на плодност, а тоа што е трето дете во семејството е стимул за многу семејства.
„Затоа што домот исполнет со многу дечиња е најсветол, најтопол и највесел дом. Им благодарам на фамилијата Камчеви што се пример и се надевам ќе охрабрат многу семејства во нашата држава да имаат многудетно семејство“, рече директорката.
Таа кажа дека во 2025 година на ГАК биле родени 4.043 бебиња.
Министрите Алиу и Лимани кажаа дека има и уште две девојчиња близначки родени на полноќ во Гинекологија Чаир и оти девојчињата значат благослов.
„Оваа година ќе биде благословена, ние како Министерство за здравство ќе инвестираме во инфраструктура и достоинствени капацитети за секое новороденче во нашата држава. Посакувам новороденчињата да имаат здрав живот и да живеат во благосостојба“, рече Алиу.
Лимани додаде дека новороденчињата се симбол на почеток и надеж за нашата држава и им честиташе на семејствата со желби децата да растат во љубов и здравје.
„Секое ниво раѓање е богатство за нашето општество и силна мотивација да создадеме подобри услови за децата и семејствата, наша е обврската да им дадеме услови за градинки, училишта и вработување“, рече Лимани.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека 2026 ќе биде плодна и бериќетна зашто девојчињата се симбол на напредок.
И во Битола, Кавадарци, Струмица, Штип првите бебиња се женски
И во Битола првото новороденче е женско и ќе се вика Бистра.
„Мајката Елена се породи со царски рез во 2:50 часот, и роди здраво женско бебе. Породувањето беше во најдобар ред, операцијата беше одлична, мајката и новороденчето по оперативниот период се во добра општа состојба“ посочи гинекологот Тихомир Велевски.
Мајката Елена Бојковска, кажа дека ова е нејзино прво дете.
„Јас сум Елена Бојковска, прворотка, имам 30 години, а бебето ќе се вика Бистра. Одлично се чувствувам и радосна сум. Породувањето мина очекувано и без проблеми, супер беше“, изјави кратко Елена, мајката на Бистра.

Од рано наутро во посета ѝ дојде градоначалникот Тони Коњановски кој ѝ врачи пригодни подароци и ѝ честиташе за новороденчето.
СВР Битола, Републичкиот и општинскиот совет за безбедност на сообраќајот (РСБСП) по повод Новата 2026 година го доделија првото детско седиште за автомобил на првото новороденче во Клиничката болница-Битола.
„Овој симболичен чин не е само подарок, туку порака дека безбедноста почнува од првиот ден од живототНие од СВР Битола, РСБСП која е нивна донација и ОСБСП постојано потсетуваме дека детското седиште не е избор, туку напротив неопходност. Тоа спасува живот и е најважниот прв чекор кон сигурно и безбедно детство. Им честитаме на родителите на приновата и им посакуваме, здравје, среќа и безбедни патувања“, изјави за МИА, Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Петра, исто така женско дете е првата рожба и на 40 годишната Марија Јанкова-Петрова од Штип. Нив денеска ги посети градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на Клиничката болница, Владко Захариев кои врачија подароци на првото новороденче.
Началничката на Одделението за гинекилогија и акушерство, Станче Велкова вели дека малата Петра е родена точно на полноќ. Петра е тешка три килограми и 550 грама и е 50 сантиметри долго“, информираше Велкова.
А, мајката на Петра кажа дека и таа и бебето се чувствуваат добро и дека е задоволна од целиот персонал во Клиничка болница-Штип.
Како што кажа штипскиот градоначалник во 2025 година согалсно податоците има зголемен број на новородени дечиња.
„2025 година ја завршивме со 62 новородени повеќе од 2024 година, односно во Штип се родија 477 бебиња“, потврди началничката Велкова.

Во Кавадарци пак, 28 по поноќ се роди уште едно женско дете. Директорката на јавната здравствена установа, Гордана Ѓорчева – Камчева, за МИА информираше дека бебето е родено спонтано, со тежина од 2.550 грама и 51 сантиметар должина. Мајката Ивона е од Кавадарци, родена во 1997 година.
И првото бебе во новата година во Струмица е женско. Тоа на свет дошло утрово во 7:20 часот, а мајката е Катерина Тодорова, докторка по професија. Како што соопштија од Општина Струмица, бебето е родено со тежина од 3.950 грама и должина од 52 сантиметри, а на семејството Тодорови ова им е трета рожба. Породувањето било извршено на Одделението за гинекологија и акушерство при Општата болница Струмица од страна на д-р Никола Ѓузелов и дежурните медицински сестри и персонал.
После првите две кои се машки, и во Прилеп утринава се роди девојче.
Ниту машките деца не изостанаа
Меѓу мноштвото девојчиња во првите неколу часа од новата 2026 година се родија и четири момчиња по едно во Битола и Штип и две момчиња во Прилеп.
Токму во Прилеп првите две родени бебиња се машки.
Едното од нив ќе се вика Герасим и се роди два часа по полноќ кое заедно со мајката Софија Никоска Маџароска се чувствуваат добро, потврдија од прилепската болница.
„Во 2:23 часот по полноќ, на први јануари се роди првото бебе во новата 2026 година. Тоа е машко бебе кое се роди по природен пат. Бебето е второ дете во семејството. Им упатуваме честитки на семејството и им посакуваме среќа и радост“, рече Кире Јоноски, директор на прилепската општа Болница Борка Талески.
Честитки и подароци од локалната самоуправа добија мајката и првото бебе во оваа година.
„Му посакуваме среќа и радост на семејството и многу здравје на бебето. Голема е желбата да се раѓаат повеќе деца во општината зашто се нашата иднина“, рече градоначалникот Дејан Проданоски, кој ги посети мајката и бебето на Гинеколошкото одделение во прилепската болница.

Во првиот ден од новата година во Клиничка болница-Битола се роди и Петар, новороденче на мајката Јована Стојчевска. Петар се родил во 4:20 часот, со операција царски рез.
„Битола доби два нови жители, две малечки души, две бебиња. Првото е женско, се вика Бистра и се надевам дека ќе ни ја избистри годината пред нас, а второто бебе е Петар. На мајките им посакав среќен живот и секако уште многу дечиња“, посочи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
А, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов покрај Клиничката болница, денеска утрото ја посети и приватна болница „ д-р Органџиски“, каде што првото новородено дете е машко.






