петок, 23 јануари 2026

На граничниот премин Блато, минатата година поминале над 1,42 милиони патници

На граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница кај Дебар, минатата година регистрирана е рекордна фреквенција на патници, или над 40 отсто повеќе од претходната 2025 година.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„Во текот на минатата година на влез и излез регистрирани се вкупно 1.426.336 патници, при што 732.259 се регистрирани на влез во нашата земја, а 694.107 на излез. Во споредба со претходната година значи зголемување за над 40 отсто. Имено, тогаш бројот на патници изнесуваше 834.355, од нив на влез 444.294 и на излез 390.061 патник“, рече за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи – Охрид.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при последната посета на преминот оцени дека тој сè повеќе се претвора во вистински мост на поврзување за граѓаните што патуваат на одмор во соседна Албанија, туристите што доаѓаат на бањско лекување, викенд-престои или роднински посети и за други потреби.

„Затоа заедно со колегите од Албанија веќе работиме на воведување на системот Уан стоп. Со соодветни инфраструктурни решенија ќе овозможиме побрз и поефикасен проток на патници и возила и трајно намалување на метежот, особено во периодите со зголемен туристички сообраќај“, најави тогаш министерот.

Зголемената фреквенција на ГП Блато се должи, меѓу другото, и на подобрената патна инфраструктура, особено со пуштањето во употреба на автопатот „Патот на Арбр“, со кој оддалеченоста од преминот до Тирана од 180 сега изнесува 72 километра, како и реконструкцијата на патниот правец Маврови Анови – Жировница, а претходно и делницата Жировница – Дебар.

Македонските државјани во Албанија преку преминот Блато, кој е на оддалеченост од четири километри од Дебар, минуваат главно поради користење на летните одмори на албанското крајбрежје, користење на аеродромот во Тирана, за посета или на домашни веселби кај свои роднини и пријатели.

Албанските државјани приминот го користат главно за шопинг во Дебар, каде што набавуваат прехранбени артикли, облека, обувки, гориво, лекови, за добивање одредена здравствена услуга, како и за посета на туристички места. И тие поради роднинска поврзаност со дебраните, доаѓаат во посета на роднини или на домашни веселби кај нив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ