Обвинителката Наташа Поп Трајкова која заедно со обвинителот Фатон Изизи го застапуваат обвинението, по завршувањето на рочиштето изјави дека согласно закон кога некој од обвинетите, во случајов Васко Ковачевски е недостапен на органите на прогонот, а постојат особено важни причини, тој може да се суди во отсуство.
„Во овој случај важни причини се тоа што има голем број на обвинети, за голем број од нив е определена најстрогата мерка за обезбедување – притвор, а имајќи предвид дека обвинителствот располага со доволно вербални и материјални докази за докажување на вината и со цел да не се одолговлекува постапката, обвинителството предложи да му се суди во отсуство. Останува фактот дека против овој обвинет и во оваа и во уште една постапка што се води во обвинителството против него се распишани домашна и меѓународна потерница и по пронаоѓање на истиот се надеваме дека за него ќе биде побарана екстрадиција“, рече Поп Трајкова.
На денешното судење за случајот „Адитив“, 35 од 37 обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни, додека, Обвинителството истакна дека има цврсти докази и дека ќе ја докаже вината. Во воведниот збор на судењето што се одржа во дигиталната судница во затворот Идризово, Обвинителството нагласи дека покрај вината за кривичните дела, ќе ја докажат и институционалната распаднатост на ЕСМ.
„Покрај тоа што ќе го докажеме сторувањето на кривичните дела, ќе ја докажеме и моралната и институционална распаднатост во АД ЕСМ во период кога обвинетите управувале со правното лице. Пред нас стои организирано и злосторничко здружување на кое државата им го доверила производството на електрична енергија. Наместо чесно да ја исполнат својата должност и да се оддолжат на државата што им поклонила верба да раководат, избрале да злоупотребат. Ова е удар врз граѓанинот кој со секоја платена сметка верува дека системот за производство на електрична енергија функционира“, рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.
Дополни дека ќе се докаже и дека најавениот адитив предизвикал и штетни последици по здравјето на граѓаните.
„Ќе докажеме дека јавниот интерес бил свесно запоставен, а набавениот адитив предизвикал и штетни последици по здравјето на граѓаните. Набавката на адитив немала за цел да се обезбедат услови, туку да се стекне противправна имотна корист“, дополни таа.
Случајот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на ЕСМ – Подружници РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 37 физички лица и пет правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Меѓу обвинетите се поранешнните директори на РЕК Битола Васко Ковачевски кој е во бегство Васко Стефанов, Ардијан Муча, Данчо Стојановски и Пеце Матески како и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ на кого неговата семејна пријателка, претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитровска му оддавала службени тајни.
Во врска со ова, обвинителката Наташа Поп Трајкова рече дека истрагата е во тек.
„Јавноста знае дека од неа е одземен мобилен телефон од кој се екстрахирани голем број електронски податоци кои се анализираат. паралелно со веќе анализираните податоци, обвинителството презема соодветни дејствија“, рече Поп Трајкова.
Други обвинети во случајот се и членови на семејството Стојановиќ. За овој факт, таа рече дека е поради тоа што преку нивните сметки или преку правните лица кои што ги поседувале во нивна сопственост се вршени фиктивни трансакции.
„Секој за кого обвинителството смета дека има доволно докази за сторено кривично дело, му е местото на обвинителната клупа, без оглед на неговата возраст. Дел од семејствата на обвинетите, кои што и самите се обвинети бидејќи биле свесни за дејствијата кои што ги преземале, со обвинителниот акт се обвинети за кривичното дело перење пари, што значи, преку нивните сметки или преку правните лица кои што ги поседувале во нивна сопственост се вршени фиктивни трансакции заради прикривање на потеклото на противправно стекнатиот имот. За друг дел од членови на семејствата, самите членови на семејствата, како сопственици или управители, учествувале во изигрување на постапката за добивање на постапката за јавна набавка на средството адитив“, образложи обвинителката.
Маја Јорданова, службеничка во Македонски пошти која всушност го добила тендерот вреден 4,6 милиони евра, вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј Кичево како и сопственици на фирми преку кои, како што се наведува во обвинението се переле пари.
На обвинетиот Ковачевски ќе му се суди во отсуство бидејќи е недостапен за органите на прогон. Додека, за обвинетиот Саша Крстевски, судот денеска донесе одлука постапката да се води одвоено, поради здравствени причини.
Обвинети се и пет правни лица помеѓу кои „Хем Алијанс ДООЕЛ Неготино“, „Дади Трејд ДООЕЛ Велес“, „Контракси компани“ и стоматолошка ординација од Велес. Нивните претставници денеска, исто така, изјавија дека правните лица немаат вина.
Поп Трајкова изјави дека обвинителството очекува осудителна пресуда и конфискација на имотот на обвинетите.
Следното рочиште е закажано за 26 јуни во 9:30 часот. Процесот го води судијката Даниела Димовска.