вторник, 20 јануари 2026

На Детската клиника има 20-ина деца со грип, во Козле се 70-ина – заразените да не одат во градинка и на училиште

На Универзитетската клиника за детски болести хоспитализирани се 20-ина деца со симптоми на акутни вирусни инфекции од типот на грип и болести слични на грип, од кои кај најголем број е изолирана инфлуенца А. Има неколку случаи на возраст до 23 месеци кај кои е изолиран респираторен синцицијален вирус и еден помал број заболени со докажан ентеровирус риновирус, изјави  педијатар- пулмолог Весна Мицевска од Клиниката.

Објавено на

часот

Сподели

Заболените, посочи докторката, се на возраст до 14 години, од кои најголем број се на возраст до пет години.

„Тие се во добра општа состојба. Некои од нив имаат компликации од типот долнореспираторни инфекции, бронхит, бронхопневмонија или бронхиолит. Нема потешки случаи и во моментот нема пациенти на кислородна поддршка. Од хоспитализираните, најчесто едно-две деца се со хронични заболувања“ , рече доктор Мицевска.

Таа истакна дека ако се појават симптоми на акутна инфекција, како што е зголемена температура, доколку состојбата на детето е добра, во првите 24-48 часа родителите треба да се обидат во домашни услови да ја намалуваат темепературата, да му даваат течност и да ја следат состојбата.

„Подоцна, ако има некакво влошување на состојбата и ако не се намалат или не се повлечат симптомите, родителите треба да го однесат детето на матичен лекар или во дежурна служба. Превенција против овие инфекции е да се избегнува да се носат децата на места на кои има многу луѓе, а децата што имаат симптоми на акутни вирусни инфекции треба да се изолираат дома и да не се пуштаат во училшите и во градинка – додаде д-р Мицевска од Детската клиника. 

На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле во моментот се хоспитализирани 70 деца, од кои 10-ина се на кислородна поддршка. Хоспитализирани се и 15 деца кај кои е потврден вирус на грип од типот А и имаат компликации, изјави директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска.

Таа посочи дека на Клиниката дневно се прегледуваат од 150 до 200 деца.

Појасни дека симптомите на грипот почнуваат обично нагло, со зголемена телесна температура, болка во грлото, болка во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.

Препорака за родителите во овој период, нагласи таа, е да се избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува лична хигиена со често миење на рацете, да се прави дезинфекција на површините, во исхраната да има свежо овошје и зеленчук и да се престојува на чист воздух.

„При појава на симптоми на грип децата да не се носат во градинка, да се изолираат, да се одржува добра хидрација со зголемено внесување течности, да се даваат лекови за зголемена температура и разладување. Ако симптомите траат повеќе од три до четири дена или прогресираат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, да се побара лекарска помош на матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови и доколку состојбата е сериозна и потребно е болничко лекување, секако да се упатат во нашата установа“ , додаде проф. д-р Бошковска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ