Во просек од тројца членови на домаќинството во работен однос бил еден. Најголемиот дел од расположливите средства 66,7% биле приходи од редовен работен однос (436.598 денари) и 21,8 приходи врз основа на пензиско осигурување (142.350 денари), покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика.
Во просек лани домаќинствата во земјава на располагање имале 654.423 денари. Најмногу расположливи средства лани имале мешовитите семејства – 1.104.419 денари, а најмалку неземјоделските 622.696. Земјоделските семејства имале на располагање 941.224 денари.
Просечен број на членови на домаќинствата изнесува 3,05, со тоа што кај мешовитите тој број е поголем 3,89 членови, додека кај земјодлските помал 2,89.
Најголемиот дел од расположливите средства 66,7% биле приходи од редовен работен однос (436.598 денари) и 21,8 приходи врз основа на пензиско осигурување (142.350 денари).
Примањата од странство биле само 1,4% од вкупно расположливите средства на домаќинствата (9.155 денари), додека 1,2% се приходи надвор од редовен работен однос (7.759 денари). Од намалување на штедењето биле 0,5% (3.595 денари), додека 0,3% од добивки, подароци и слични примања (2.046 денари).
Домаќинствата лани во просек употребиле вкупно 323.051 денари. Најголем дел од тоа домаќинствата го користеле на лична потрошувачка 97,5% (314.989 денари), 1,4% (4.575 денари) за отплата на кредити и заеми и само 0,5% (1.595 денари) на штедење. Потоа 0,3% (1.014 денари) од домашниот буџет бил за членарина, даноци, царини и слично, 0,2% (744 денари) загуби, подароци, прилози и слично и незначитечни (134 денари) издатоци за стан, куќа и имот.
Половина од домашниот буџет 50,8% (164 256 денари) се трошел на храна и безалкохолни пијалоци. Потоа како втора најголема ставка биле за станарина, вода, електрична енергија, гас и други горива за што домаќинствата одвојувале 7,9% (25.663 денари) од домашниот буџет.
На алкохолни пијалаци и тутун 5,8% (18.594 денари), на облека и обувки 5,6% (18.230 денари), сообраќај 5,2% (16.721 денари), покуќнина, опрема за куќа и одржување 5,1% (16.449 денари), останати стоки и услуги 4,9% (15.681 денари), ресторани и хотели 4,5% (14.663 денари), за здравје 3,6% (11.526 денари), комуникации 2,7% (8.688 денари), рекреација и култура 1,2% (3.783 денари) и образование 0,2% (735 денари).
Податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата“, спроведено во текот на 2024 година на 5.040 домаќинства. Анкетирани се 2.914 семејства, од кои најголемиот број 92,7 проценти се неземјоделски, 5,2% се мешовити, а само 2% се земјоделски.
За земјоделски домаќинства се сметаат оние домаќинства што имаат сопствено земјоделско стопанство и сите работоспособни членови работат на него како земјоделци. Мешовити домаќинства се оние домаќинства што имаат сопствено земјоделско стопанство во кое, покрај вработените во стопанството, еден или повеќе членови се во постојан работен однос во државниот или во индивидуалниот сектор или вршат некоја неземјоделска дејност. Како неземјоделски домаќинства во Анкетата за потрошувачката на домаќинствата се сметаат оние домаќинства што немаат земјоделско стопанство, а еден или повеќе членови се во постојан работен однос во државниот или во индивидуалниот сектор или вршат некоја неземјоделска дејност (самостојни занаетчии, угостители, превозници, адвокати, уметници и сл.) или се лица со лични примања врз основа на минат труд (пензионери).
За расположливи средства на домаќинствата се сметаат сите примања, вклучувајќи ги и вредноста на потрошувачките кредити и инвестициските заеми. Кај земјоделските и мешовитите домаќинства, во расположливите средства е вклучена и вредноста на натуралната потрошувачка.
Употребените средства на домаќинствата ги опфаќаат сите парични издатоци за набавка на производи и услуги за лична потрошувачка, како и отплатениот дел за потрошувачки кредити и заеми. За земјоделските и мешовитите домаќинства, покрај паричните издатоци за лична потрошувачка, вклучена е и вредноста на натуралната потрошувачка.






