Кривичниот суд вели дека во конкретната постапка ги ангажираше сите расположливи ресурси за навремено и законито постапување, за да не се создадат непотребни пропусти кои би ја компромитирале постапката.
Врховниот суд на 25 јуни 2025 година донесе решение КР–35/25 со
кое за стварно и месно надлежен за постапување по обвинителниот акт се
определува Основниот кривичен суд Скопје, ценејќи дека по предметот треба да постапуваат судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста.
„На 02 јули 2025 година Основниот суд во Кочани до нашиот суд го достави
обвинителниот акт, а на 08.07.2025 година достави дополнение на истиот. Веднаш по приемот на обвинителниот акт истиот е распределен во Одделението за кривично полнолетни. Со оглед дека станува збор за обвинителен акт кој согласно законските одредби треба да биде оценет од совет, актот преку АКМИС системот се распредели кај судијата Моника Бахчовановска, која постапува како Претседател на советот за оценка на обвинителен акт. Согласно Годишниот распоред во совет за оценка заедно со судијата Моника Бахчовановска, се судиите Билјана Коцевска и судијата
Бранка Наумовска. Овие две судијки побараа изземање од советот за оценка, бидејќи ќерката на судијата Билјана Коцевска – адвокат Ивана Коцевска е бранител на дел од осомничените, а судијата Бранка Наумовска е во роднинска врска со една од жртвите, причини што се предвидени во законот како основ за изземање. По изземањето на овие две судии, како судии кои што ќе постапуваат во фазата на оценка поставени се двајца судии од Специјализираното одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција и тоа судијата Софче Гаврилова Ефремов и судијата Илија Трпков. Нивното определување е на начин како што актите од одделението за организиран криминал и корупција ги оценуваат судии од одделот за кривично полнолетни (а ова е од причина што судиите кои што го оценувале актот не можат да учествуваат во постапка на главна расправа, а се со цел да не се доведе Основниот кривичен суд Скопје како најголем суд во државата да нема судии кои што ќе постапуваат по овој предмет). Двата члена на советот за оценка се поставени по редослед според годишниот распоред, како што и е предвидено во Судскиот деловник“, се вели во појаснувањето од Основниот кривичен суд Скопје.
Додека советот веќе постапуваше по предметот, на 15.07.2025 година
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил решение со кое за стварно и месно надлежно обвинителство за постапување по обвинението поврзано со пожарот се определува ОЈО Скопје.
„Со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, беше исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор беа заменети, па во моментот на достава претседателот на советот за оцена имаше потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата. Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, додаваат од Судот во Скопје.
Но, и покрај сето тоа, велат дека Судот во целост ја имал предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и пред сè чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа, се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да го оцени актот во предвидениот законски рок.
„Советот за оценка донесе Решение К-ООА бр.155/25 на 03.10.2025 година со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет К.бр. 1872/25. Постапување по овој предмет од советот за оценка беа изземени судијата Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска, а од постапување во кривичниот совет иземен е и судијата Ивица Стефановски, од причина што како бранители во овој предмет се јавуваат неговата сестра и бранител со кој е во кумовска врска, додека пак судијата Елизабета Постоловска, која го нема законски предвиденото искуство, неможе да постапува по овој предмет и заради сето тоа при распределбата на предметот овие судии се исклучени од автоматската распределба во АКМИС системот“, се вели во образложението од Основниот кривичен суд.
Предметот согласно АКМИС системот е распредлен кај надлежен судија за понатамошно постапување, а за сите понатамошни процесни дејствија
поврзани со конкретниот предмет, велат од Судот, странките и јавноста ќе бидат
известени.
Големиот и трагичен пожар се случи на 16 март 2025 година во 2:35 часот наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата животот го загубија 62 лицa, додека пак 193 беа повредени.






