Рекацијата на МЗШВ се однесува на дел од текстот во кој се наведува дека „мрест има само на хартија“, иако во текстот е објаснето дека мрест се врши на две локации во Охрид, а „најголемиот дел од езерото е практично ‘затворен’ за рибарите, кои истовремено се соочуваат со строги забрани за користење мрежи“.
„Го демантираме фактот дека мрест има само на хартија, како што е наведено во самиот текст. Хидробиолошкиот завод – Охрид започна со изведување на вештачки мрест на одредени локалитети, а овие денови се очекува тој да се прошири во останатите локалитети на Охридкскот езеро. Имено, согласно законските одредби додека трае мрестот и периодот на забрана, забранет е риболов на Охридското езеро“, се наведува во реакцијата на МЗШВ.
А, како поткрепа на објавеното е сведоштво на долгогодишни рибари чиј идентитет е познат на редакцијата на МКД.мк, но имињата не се откриени бидејќи нашите извори инсистираа на анонимност стравувајќи од последици по нивната работа.
„Иако мрестот формално е започнат, мрест има само ‘на хартија’. Најголемиот дел од езерото е практично ‘затворен’ за рибарите, кои истовремено се соочуваат со строги забрани за користење мрежи. Забранети ни се мрежите за јагули и пловечките мрежи, а дозволени се само мрежи за крап, иако, крап во овој период речиси и да нема. Последиците се видливи, нема мрест, нема лов, нема приходи, а трошоците секојдневно растат“, се наведува во дел од текстот на МКД.мк заснован врз сведоштво на долгогодишни рибари.
МЗШВ реагираат и на дел од текстот во кој пишува дека „засега нема одговор кој, како и дали ќе го преземе мрестот на пастрмката во четирите подрачја на Охридското Езеро кои чекаат подобри денови“.
„Ве известуваме дека за истото не беше поставено прашање, кое што може да се види во претходната меил комуникација. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство навремено, иако се работеше за многу кус период достави одговори на вашите прашања“, се наведува во реакцијата на МЗШВ.
МКД.мк на 23 јануари (петок) во 14:07 часот испрати прашања по електронски пат и го праша МЗШВ, кои се причините поради кои не е започнат мрестот во Охридското езеро во деловите кај Воска (Охрид), Пештани, Калишта, Радожда и Струга, зошто годинава се склучени непосредни договори за мрестењето на рибата, а не е отворен јавен повик, зошто надлежниот Институт кој склучи договор со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопсанство (МЗШВ) го откажа мрестот во деловите за кои склучил договор за мрестење и дали е дозоволено во базените во Шум кај Струга да се одгледува поточна риба. Одговорите од Министерството ги добивме истиот ден, три часа подоцна во 17:07 часот.
„Министерството интензивно работи на изнаоѓање на решение за спроведување на мрестот на Охридското езеро, само за потсетување минатата година по повеќегодишна пауза изврши вештачки мрест и порибување на Охридското езеро. МЗШВ останува посветено на одржливо управување со рибниот фонд и зачувување на рибите“, се наведува на крајот од реакцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнаство.






