„Нашата цел како министерство е да ги поттикнеме здруженијата да организираат повеќе локални манифестации, саеми, фестивали каде што нашите македонски производи ќе се промовираат. Освен храната, ќе можат да се истакнат и малите фарми, производителите, задругите. Токму ваков вид на настани ќе ја придвижат и домашната економија“, истакнал министерот при доделување на договорите.
Како што соопшти МЗШВ, тој посочи дека со манифестациите ќе бидат опфатени сите региони од државата, бидејќи секој дел од Македонија е препознатлив и посебен сам по себе.
„Традиционалната храна да ја доближиме до помладите, само така ќе ја сочуваме нашата автентичност и препознатливост“, истакнал министерот Трипуновски.
Министерот при своеото обраќање додал дека со одржување на локалните манифестации, фестивали и саеми, домашните производи можат да ги вкусат и туристите, со што ќе бидат прочуени и по другите земји.
„Да работиме заедно, сплотено, да бидеме препознатливи во регионот и светот по квалитетната македонска храна“, порачал тој.